ВИДЕО: Полицаец пукал во гума за да спаси жива глава, пијан возач го влечел 300 метри

Од:

Вистинска драма се случила во саботата во Белград, кога 17-годишен возач, кој бил пијан од првомајската прослава, сакал да бега од полициската патрола што го запрела за рутинска контрола, а само куршумот од службениот пиштол, кој еден од полицајците го испукал во гумата на автомобилот, го спасил неговиот живот.

Според пишувањата на српските медиуми, 24-годишниот полицаец и неговата колешка го запреле автомобилот на кружен тек на улицата „Иван Рибар“ во населбата Нов Белград, но не се надевале дека по само неколку секунди, ќе уследи филмска бркотница, судир со друг автомобил и истрел од пиштол.

Вистинско чудо е тоа што никој не загинал во страотниот инцидент, кој бил снимен, а потоа и објавен на социјалните мрежи.

На снимката се гледа како возачот најпрво ја испочитувал наредбата и запрел. На полицаецот му било сомнително како изгледал и како се однесувал младиот возач, па се одлучил да пријде од страната на возачот, каде вратата била отворена. Но, одненадеж започнува вистинска драма, кога возачот дава гас и тргнува да бега, додека полицаецот останува „закачен“ за неговиот „Фиат“

На излегување од кружниот тек, „Фиатот“ налетува на друг автомобил, се „качува“ на него и речиси се превртува, додека полицаецот цело време се држи за автомобилот.

Пијаниот возач-тинејџер и по ова продолжил да вози со голема брзина, надевајќи се дека полицаецот ќе падне од возилото. Во неверојатен маневар, полицаецот, држејќи се со едната рака за рамката на колата, некако успеал да го извади службениот пиштол од футролата и да пука во гумата на автомобилот, со што успеал да го запре. Со оглед на брзината со која се движела колата, овој потег речиси сигурно му го спасил животот.

Возачот конечно бил принуден да запре на тревник, неколку стотини метри од местото каде почнал инцидентот, а тој и сопатникот избегале, пишуваат српските медиуми.

На местото веднаш дошле повеќе други полициски патроли, кои започнале потрага. Полицаецот кој 300 метри висел на автомобилот е префрлен во болница, каде му се констатирани лесни повреди.

Возачот, 17-годишниот Ј.Л. бил брзо идентификуван и по неколку часа уапсен. Тој е приведен во Вишото обвинителство за малолетници и ќе биде обвинет за напад врз овластено службено лице и предизвикување општа опасност, покрај казните што го чекаат за сообраќајните прекршоци.

Би можело да ве интересира

Земјотрес во Србија

Земјотрес кај Чачак

Австриските власти го екстрадираат во Србија осомничениот за убиството на Нусрет Дестановиќ

Вучиќ: Недозволиво, ќе го гониме напаѓачите на хрватските новинари

Во Панчево нападнати четворица Хрвати и двајца Срби кои ги бранеле

Катерина Ѓуровски

Османи: Македонија е коспонзор на Резолуцијата за Сребреница, важно е Србија да гласа дека имало геноцид

Орце Костов