ВИДЕО: Македонци од Албанија на телевизија претставени како Власи, реагира друштвото „Илинден“

Од:

Македонското друштво „Илинден“-Тирана остро реагираше на, како што наведува, фабрикуваните информации во емисијата „Селата во Албанија“ на телевизијата „Топ ченел”.

– На 8 мај 2021 година беше емитувана емисија за селото Горно Крчиште, кое се наоѓа кај Маќелари, околија Пешкопеја, во близина на албанско – македонската граница кај Дебар. Во емисијата беше изнесена историска невистина дека во Горно Крчиште живееле Власи, при тоа искривувајќи ја непобитната вистина, а тоа е дека Македонците се оние кои живееле, учеле, граделе цркви во ова село. Фабрикувани се и податоците во однос на именувањето на црквите и нивното минато, стои во реакцијата на друштвото.

Од „Илинден“ додаваат дека истото се однесува и на намерното одбегнување на натписите на гробиштата, кои доколку ги снимеле и објавиле, ќе било јасно дека станува збор за македонски имиња и презимиња.

-Во оваа прилика сакаме да се осврнеме на оригиналната документација која се однесува на селото Горно Крчиште, а која авторите задолжително би требало да ја имаат предвид. Освен, ако нивната намера не била да ја лажираат историјата и вистината. А во име на вистината ние ќе посочиме еден оригинален документ од бројната документација за ова село, наведува друштвото, приложувајќи официјален документ од 11 февруари 1946 година од албанското Министерство за образование.

Во документот стои дека е земено предвид барањето на жителите од село Горно Крчиште за отворање училиште на македонски јазик. Во училиштето, според документот, потпишан од тогашниот министер Костаќ Ципо, се наведува дека ќе се учи само на македонски јазик до трето одделение, а во погорните класови ќе се одржуват и по три часови неделно на албански јазик.

-Авторите на емисијата не се потрудиле или не сакале да најдат барем еден документ за историјатот на селото Горно Крчиште, во маќеларската околија, во Албанија, но сигурно требаше да знаат дека секоја година во првата сабота после верскиот празник Спасовден, Македонците се собираат во селото на заедничка средба веќе 10-тина години по ред. Од нивно име, Македонското друштво „Илинден“-Тирана ги кани сите заинтересирани кои сакаат да ги чујат историјатот и вистината за селото Горно Крчиште да им се придружат на Македонците на годинешната средба во селската црква „Св. Димитрија”, порачува друштвото.

Македонското друштво „Илинден“ – Тирана реакцијата, потпишана од претседателот Никола Ѓурѓај, ја завршува со констатацијата дека е непријатно изненадено од „квазиинформациите што во оваа емисија им беа сервирани на албанските гледачи, со што новинарската професија во Албанија е претставена како дилетантска и недостојна за почит”.

Би можело да ве интересира

Молотови коктели на протест во Тирана

Истрагата за двојно убиство во Албанија се проширува во Македонија, уапсен за дрога во Прилеп контактирл со убиените

Катерина Ѓуровски

ВИДЕО: Тешка несреќа во Албанија, осуммина мртви

Во несреќен случај во Албанија, загина жена од Осиек

Само Албанија е понесреќна земја од Македонија во регионот: ООН го објави извештајот за среќа

Орце Костов

Зетот на Трамп објави фотографии од луксузни архитектонски проекти за Србија и Албанија