(ВИДЕО) 4 мај 1980: „Почина другарот Тито“

Од:

Доживотниот претседател на Социјалистичка Федеративна Република Југославија (СФРЈ), Јосип Броз Тито почина на денешен ден пред 40 години.

Неговиот гроб во Куќата на цвеќето на Дедиње во Белград на секоја годишнина од смртта во утринските часови ја посетуваат почитувачите на неговиот лик и дело, а меѓу нив најголем број луѓе се од земјите формирани по распаѓањето на Југославија.

Од половината на 70-те години од минатиот век за здравјето на Тито, кој тогаш се наоѓал во деветата деценија од животот, се грижеле шест лични лекари, кои во две екипи со по три лекари (кардиолог, ендокринолог и анестезиолог) постојано дежурале во негова близина. Тито долги години имал проблеми со дијабетес и секојдневно примал инсулин. Исто така, имал и срцеви нарушувања и проблеми со ревматизам.

По приемот на Тито во болница на почетокот на јануари 1980 година, а посебно по првата и втората операција кон средината и крајот на јануари, на адресата на Клиничкиот центар во Љубљана и во неговата резиденција на Брдо кај Крањ почнале да пристигнуваат бројни писма и телеграми со поддршка. Најголем впечаток оставило писмото на една домаќинка од Бајина Башта во кое пишувало: „Јас и мојот сопруг сме во среќен брак со двајца возрасни сина. Кој било орган од нас четворицата ќе го дадеме за излекување на Тито“.

Тито почина во 15.05 часот во недела на 4 мај 1980 година, на 88-годишна возраст, во болница во Љубљана, по 122 дена долга борба со болеста предизвикана од запушување на крвните артерии во левата нога.

– Почина другарот Тито. Тоа вечерва го соопштија Централниот комитет на Сојузот на комунисти на Југославија и Претседателството на СФРЈ на работничката класа, работните луѓе и граѓани, народите и народностите на Социјалистичка Федеративна Република Југославија. Наскоро ќе го емитуваме извештајот од седницата на Претседателството на Централниот комитет на Сојузот на комунисти на Југославија и Претседателството на СФРЈ, гласеше текстот кој малку пред 19 часот го прочита спикерот на ТВ Белград, Миодраг Здравковиќ, кој за таа задача бил одреден уште во февруари истата година.

Една од највпечатливите сцени на вест за смртта на претседателот Јосип Броз Тито се случи во Сплит.

Во момент на објавата за смртта на Тито на стадионот „Пољуд“ се играше 43. минута од фудбалскиот натпревар меѓу Хајдук и Црвена Звезда, која водеше со 1:0.

Точно во 19.12 часот на терен влезе еден човек и им даде знак на главниот судија Нусреф Мухаремагиќ да го прекине натпреварот. Потоа фудбалерите се собраа околу судијата на средина од теренот, а околу 50.000 гледачи на трибините останаа во шок. На изненадената публика и играчите преку разглас им се обрати претседателот на Хајдук и претседателот на Извршниот совет (градоначалник) на Сплит, Анте Скатаретико, кој ја соопшти веста за смртта на претседателот Тито, повикувајќи ги сите присутни да му оддадат почит со едноминутно молчење.

Веднаш потоа, публиката на трибините и фудбалерите на теренот ја испеале песната „Другар Тито ние ти се колнеме“ и химната „Хеј Словени“, по што тивко си заминале во своите домови.

Тој настан силно одекна во југословенските медиуми и стана еден од главните симболи на жалост на граѓаните на Југославија за својот претседател, а раководството на Хајдук набрзо потоа упати предлог до Републичката конференција на Социјалистичкиот сојуз на работничкиот народ на Хрватска стадионот „Пољуд“ да се преименува во „Тито“, но таа иницијатива не беше прифатена.

Тито е роден во Кумровец, во Загорје, во мешовито хрватско-словенечко семејство, во мај 1892 година. Во текот на неговиот живот како датум на негово раѓање е одбележуван 25 мај, и тоа како Ден на младоста.

На чело на Југославија беше цели 35 години.

На погребот на Јосип Броз Тито во Белград присуствувале повеќе од 200 високи личности од целиот свет, што несомнено е израз на неговата посебна историска улога и исклучителниот углед кој го уживал.

Погребан е на 8 мај 1980 година во Белград, по сопствена желба во зимската градина на својата резиденција на Дедиње, која подоцна е наречена „Куќа на цвеќето“. Покрај големиот број граѓани на Југославија, на погребот присуствувале 209 делегации од 128 земји во светот, поради што официјално е прогласен за најпосетен погреб на некој државник во историјата.

На погребот му претходеше пренесување на неговите посмртни останки со Синиот воз од Љубљана, преку Загреб во Белград, каде три дена биле изложени во централната сала на зградата на Собранието на СФРЈ. Тука граѓаните, домашни и странски делегации, во минување му одаваа последна почит.

Погребот на Тито е директно пренесуван преку телевизиите во Југославија и уште 16 светски земји, а во неколку држави дополнително е емитувана цела снимка или поважни делови од погребот, поради што, според податоците на Евровизија, е прогласен за втор најгледан настан во 20. век, веднаш по слетувањето на Мисијата „Аполо 11“ на Месечината во јули 1969 година.

Гробот на Јосип Броз Тито се наоѓа во составот на Музејот на Југославија и од погребот досега го посетиле над 18 милиони луѓе.

Би можело да ве интересира

Поранешна СФРЈ сè уште е жива во Кочани, титовистите го одбележаа нејзиниот 80. роденден

Ковачевски сака граѓаните да имаат стандард како во времето на СФРЈ: Ќе носам тешки одлуки за ЕУ

Орце Костов

Четириесет и три години од смртта на Јосип Броз Тито

Ана Ололовска

Лопушина: Путин не може да има двојник, имаше Тито, а на ВМА се направија шест двојници на Хусеин

Предраг Петровиќ

Продадена зградата на мисијата на СФРЈ во Њујорк за 50 милиони долари, сукцесор е и Северна Македонија

Погребот на кралицата Елизабета го надмина тој на Тито по посетеност

А1он