Вечерва ТВ дебата меѓу политичките лидери во Грција

Од:

Во Грција вечерва ќе се одржи ТВ дебата меѓу лидерите на политичките партии во пресрет на предвремените парламентарни избори, кои ќе се одржат на 20 септември.

Како што јави дописникот на МИА од Атина, на дебатата ќе учествуваат лидерите на Сириза, Алексис Ципрас, на Нова демократија, Евангелос Меимаракис, на ПАСОК, Фофи Генимата, на Потами, Ставрос Теодоракис, на Комунистичката партија на Грција, Димитрис Куцумбас и на Независни Грци, Панос Каменос. Во дебатата нема да учествува лидерот на неофашистичката Златна зора, Никос Михалолиакос.

Во рамките на телевизиската дебата, повеќе новинари ќе им поставуваат прашања на политичките лидери за нивните ставови за клучни прашања од економија и миграција до здравство и образование.

Во меѓувреме предизборната кампања се вжештува. Аналитичарите коментираат дека основната цел на Сириза станува оддалечување на левичарите од меморандумот, со оглед на тоа што многу помали опозициски партии истакнуваат дека по потпишувањето на третата финансиска помош, Сириза и Нова демократија во суштина се партии кои се за штедење.

Ципрас и кандидатите на Сириза ја истакнуваат својата заложба за олеснување на товарот од новата финансиска помош со алтернативни мерки, додека, во исто време, предупредуваат дека победа на НД би можело да резултира со укинување на разни закони на Сириза, со што ќе се отвори пат за нови отпуштања во државната служба и ќе се загрозат правата на работниците, а ќе се зголеми и ризикот од брза продажба на грчките државни добра.

Меимаракис и НД, пак, во последните неколку дена инсистираат на потребата од поширока соработка на политичките сили. Според аналитичарите, целта е конзервативците да се претстават како зрела политичка сила која ги става интересите на земјата над оние на партијата, во обид да привлече поддршка од илјадници умерена гласачи. Анкетите покажуваат дека најмалку 10 отсто од Грците остануваат неопределени и двете најголеми партии се борат за секој глас.

Меимаракис неколку пати повтори дека е подготвен да соработува со Сириза, подвлекувајќи дека нема да инсистира да му се даде функцијата премиер доколку НД победи на изборите и оти ќе почне разговори за поделба на власта. Ципрас ја исклучи можноста за соработка со НД, но посочи дека е можна една поширока алијанса во која би биле ПАСОК и Потами.

Би можело да ве интересира

Силен земјотрес во Грција

(ВИДЕО) Пожар во рафинерија во Грција: Железничкиот сообраќај во прекин, наредена итна евакуација

Горан Наумовски

СИРИЗА: Политиката на соработка со Македонија е замрзната

Италија, Шпанија и Грција со мерки за да го спречат масовниот туризам и бројот на туристите

Предраг Петровиќ

Драма во авионот за Грција: Пијан патник се обидел да упадне во пилотската кабина

Горан Наумовски

Серија земјотреси го погодија Крит