Германија има подготвено мини Маршалов план за Балканот, што во следните неколку години треба да ги крене економиите од регионот, а на некој начин треба да биде и компензација за долгото чекање на полноправното членство во Европската Унија, пишува „Вечерње новости“, повикувајќи се на дипломатски извори.
Според весникот, овој предлог на Берлин наскоро ќе се најде на маса на Европскиот совет во Брисел, што треба да го одобри и одреди овој посебен фонд за балканските држави.
Споменатиот план е наречен и „Берлин плус“, а парите за неговата реализација, меѓудругото, треба да ги обезбедат Европската економска зона (ЕЕА) што ја сочинуваат сите земји членки на ЕУ, Исланд, Лихтенштајн и Норвешка, како и Европската асоцијација за слободна трговија (ЕФТА), на која покрај наведените држави, и припаѓа и Швајцарија.
Сумите се уште не се познати, бидејќи допрва треба да се организираат донаторски акции, но, заради обемот на проектот, секако дека ќе бидат значајни.
Идејата е од овој регион во краток рок од неколку години да се создаде атрактивен економски простор.
Фондовите, меѓудругото, ќе можат да се користат и за основање нови фирми.
Како што „Вечерње новости“ пишуваат, една од целите е и Западен Балкан да се вмрежи со инфраструктурни врски како што се автопати што ќе ги спојат Србија и Босна и Херцеговина или Белград и Тирана, преку Приштина.
Силна причина за активирање на „Берлин плус“ е и намалување на тензиите во регионот.
За Германија Западен Балкан има големо безбедносно значење, се наведува во текстот на „Вечерње новости“.