Трет мандат за Рама или прва шанса за Баша – Албанија на парламентари избори

Од:

Албанските граѓани денеска ќе гласаат на деветите по ред парламентарни избори во плурална Албанија. Овие избори се одржуваат во јубилејна година, 30 години од падот на комунистичкиот режим.

За безбеден изборен процес се ангажирани 7.159 полициски службеници од сите сектори, претходно обучени за тоа. Од петокот 74 објекти од државен интерес обезбедува албанската армија, а високите судски институции ги обезбедуваат припадниците на Националната гарда.

На изборите учествуваат 16 политички субјекти (два помалку од претходните) и двајца независни кандидати или за 140-те пратенички места во трка се 1.841 кандидати, од нив 39,7 отсто жени.

Главната битка ќе се одвива меѓу вечните политички опоненти Социјалистичката партија на Еди Рама, која е сигурна во обезбедувањето на третиот мандат со две третини од местата и Демократската партија на Љуљзим Баша, која е повеќе од сигурна дека ќе го добие првиот мандат, со изборен триумф. Тука е и Движењето за социјалистичка интеграција, на Моника Круемади, сопруга на претседателот Илир Мета, која со ПД имаат потпишано договор за постизборна коалиција.

Право на глас, според единствениот избирчки список имаат над 3.588.869 гласачи, од нив за првпат правото на глас имаат 107.024. Се гласа на 5.199 избирачки места во 61 изборна единица.

Единствената македонска партија, Македонска алијанса за европска интеграција на овие парламентарни избори нема своја кандидатска листа. Затоа пак нејзиниот лидер и актуелен пратеник, Васил Стерјовски е на кандидатската листа на Социјалистичката партија за округот Корча, каде го доби првиот мандат, кога партијата беше во коалиција со ЛСИ.

Стерјовски се запиша во историјата со неговото обраќање на македонски јазик од говорницата на албанскиот законодавен дом. Повик да ја подржат ПС и Стерјовски упатија македонскот премиер Зоран Заев, македонското друштво „Илинден“, поранешниот амбасадор во Албанија Ристо Никовски и многу други познати македонски и албански личности и интелектуалци.

Во истиот округ, но на листата на ЛСИ, е Македонецот Панди Јани, за кого апел да ја подржат оваа партија и Јани, упати лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски.

Актуелниот премиер Еди Рама во своите изјави изрази уверување дека ПС ќе освои трет мандат за да ја продолжи работата што е оставена на половина, бидејќи второт мандат беше скратен за половина поради земјотресот на 26 ноември 2019 и пандемијата на коронавирусот што целиот свет го „падна“ на колена.

Во победата е убеден и опозицискиот лидер Љуљзим Баша, кој рече дека во текот на овој месец ја видел во очите на Албанците желбата за промена, ветувајќи брз влез на земјата во ЕУ. Редовно ги обвинуваше владата и Рама за корупција, криминал, поврзност со нарко босови.

Од друга страна, претседателката на ЛСИ, Круемади го насочи своето внимание кон враќањето на младите во нивната земја и запирање на емиграцијата, бидејќи според неа ова е еден од најсуштинските проблеми на земјата.

Претседателот на Републиката, Илир Мета, го изостри тонот за време на предизборната кампања, додека во речиси секој негов говор ги повикуваше Албанците да го бранат својот глас и доколку одредени групи се обидат да му наштетат, да ги „изострат секирите и вилите“.

За оваа изјава, американската амбасадорка Јури Ким „го затегна за уво“ барајќи од него да ги заборави ваквите изјави, кои како што наведе, се практики кои припаѓаат на минатото и порача дека изборите треба да бидат слободни и фер.

Недипломатска размена на пораки меѓу албанскиот претседател Мета и Ким продолжи. Мета ја обвини Ким дека зазема страна во изборите,односно дека е „во одбрана на Рама“, побара од неа да не се меша во внатрешните работи на неговата земја, дури кажа дека Албанија за него е пред се и оти „ако сака Америка може и да го убие“.

По ова, во својата реакција Ким порача дека „САД не поддржуваат ниту една партија, туку само правото на слободен глас во Албанија“.

Претходно заедничка видео порака до албанските граѓани упатија странските дипломати со посебен акцент да не потпаѓаат под никакво влијание и да не го продаваат нивниот глас.

– За демократијата изборите се многу значаен настан. Твојот глас е твој. Не е подарок. Затоа, не го продавај, порачаа во видеопораката.

Изборниот процес ќе го набљудуваат 50 екипи на ЕУ и 25 на САД, додека ОБСЕ/ОДХИР, има 274 набљудувачи од нив 24 долгорочни, останатите 250 ќе бидат само денеска.

Поради пандемијата, емиграцијата, пред се на младите, која не престанува, но и одлуката на Комитетот на експерти да воведе двонеделен карантин на секое лица кое ќе влезе во Албанија од Северна Македонија и од Грција, поради што илјадници емигранти од Грција не коже да дојдат во земјата, одѕивот на гласачите се очекува да биде помал од претходните парламенетарни избори(јуни 2017), кога излезноста беше над 45 отсто, што е најниска излезност во сите дотогашни избори или за осум отсто пониска од претходните избори, во 2013 година.

На денешните избори, кои се спроведуваат според посебно усвоени протоколи правото на глас не ќе може го остварат 23. 021 лице активни на Ковид-19, но, како што порача претседателот на ЦИК, Илирјан Цилбаши дома треба да останат и сите оние кои имаат симптоми на опасниот вирус.

На последните парламентарни избори левата калициија „За Албанија која ја сакаме“ предводена од социјалистите освои 49,62 отсто од гласовите и обезбеди 74 пратенички мандати. Коалицијата на десницата „Нова Република“ предводена од демократите на Љуљзим Баша, освоја 43, додека ЛСИ 20 пратенички места, два пратеника партијата за правда и единство (ПДИУ) и еден пратеник Социјалдемократската партија.

Податоците од последната анкета на Компанијата за маркетинг и истражување на јавното мислење (ИПСОС) ја потврдуваат владејачката социјалистичка партија како прва сила на национално ниво со 48,1 отсто, коалицијата

Демократска партија – Алијанса за промени, е на второ место со 43,6 отсто додека разочарувачки е резултатот за третата по големина партија во земјата, Движењето за социјалистичка интеграција (ЛСИ), за која би гласале само 3,6 отсто од испитаниците.

За тоа кој ќе ја добие довербата земјата да ја води во следните четири години првичните резултати Цилибаши ги најави за понеделник претпладне, додека првиот извештај на ОБСЕ е најавен за понеделник попладне.

Би можело да ве интересира

Само Албанија е понесреќна земја од Македонија во регионот: ООН го објави извештајот за среќа

Орце Костов

Зетот на Трамп објави фотографии од луксузни архитектонски проекти за Србија и Албанија

Земјотрес во Албанија

Со еден клик до работни места во Србија и Албанија: Нова можност за македонските граѓани

Орце Костов

ВИДЕО: Повторно хаос во албанскиот парламент, сесијата заврши предвреме поради немири

Земјотрес во Албанија, почувствуван и во Црна Гора

Горан Наумовски