Косовскиот премиер Хашим Тачи ги повика Србите од северот на Косово да не стравуваат од косовските институции и да го поддржат договорот помеѓу Белград и Приштина.
– Спогодбата е добра и за вас. Ве повикувам да не бидете жртва на оние кои северот го држеа како заложник цели 14 години, кои Ве држеа како заложници и тоа не заради напредокот, туку за политичка, материјална и лична корист, изјави Хашим Тачи на прес конференција веднаш по враќањето од Брисел.
Тачи, обраќајќи се кон Србите во северно Косово, изјави дека се „создадени услови за нов живот и нова ера“ и дека парафираната спогодба е во интерес на Косово, во интерес на Србија, но, пред се, е во интерес на Србите во северно Косово.
-Ве повикувам да не стравувате од спогодбата, да не се плашите од косовските институции. Со проширувањето на правниот поредок ќе се појават повеќе можности за инвестиции, развој, вработеност, создавање демократска и мултиетничка средина, изјави косовскиот премиер.