Тачи отпатува за Минхен, откако претходно доби покана од Курти за состанок

Од:

Косовскиот претседател Хашим Тачи отпатува за Германија, откако претходно денеска премиерот Албин Курти го покани на состанок на кој би се координирале во врска со надворешната политика на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во соопштението од кабинетот на Тачи упатено до медиумите, се вели дека претседателот отпатува за Минхен, каде што ќе учествува на меѓународна конференција за безбедноста.

– На маргините на Минхенската конференција за безбедност, претседателот Тачи ќе има повеќе билатерални средби. Меѓу другите, со американските сенатори Рон Џонсон и Крис Марфи, помошникот секретар во Стејт департментот Филип Рикер, со политичкиот секретар во Министерството за надворешни работи на Обединетото Кралство Ричард Мур, како и со министерот за надворешни работи на Словачка Мирослав Лајчак. Претседателот Тачи во рамките на конференцијата ќе се сретне и со специјалниот пратеник на претседателот (на САД, Доналд) Трамп за дијалогот Косово – Србија, амбасадорот Ричард Гренел, се вели во соопштението.

Малку пред соопштението од кабинетот на претседателот, беше објавено и писмото на Курти, во кое тој го кани Тачи на средба за усогласување на ставовите по прашања на надворешната политика пред конференцијата во Минхен.

Новиот косовски премиер, кој стапи на должност пред десет дена, на 3 февруари, го покани Тачи на средба во термин кој би му одговарал во текот на денешниот ден.

– Да го вложиме нашиот интелектуален и патриотски капацитет во презентациите кои ќе ги имаме. Ве канам за денеска во 12.00, 16.00 или 17.30, или пак и подоцна вечерва да се сретнеме и да се усогласиме за нашите теми и ставови, се вели во писмото на Курти.

Претходно, синоќа во интервју за приштинската КТВ, Курти исто така го покани претседателот на државата на средба за усогласување на ставовите во однос на надворешната политика.

– Нека биде тоа средба на која ние ќе ги поставиме на маса овие работи, бидејќи не можеме да дозволиме косовската држава, која е толку многу напаѓана, да има разногласие. Со оглед дека не сме се сретнале досега, го канам претседателот Тачи да се сретнеме и да се усогласиме за сите меѓународни процеси. На крајот на краиштата, во едно писмо на претседтелот Трамп упатено до Тачи се бара единствен глас од наша страна, изјави Курти.

Би можело да ве интересира

Германија испраќа дополнителни војници во Косово

Горан Наумовски

Уапсен Србин на Косово: Обвинет е за воени злосторства

Горан Наумовски

23-годишна Украинка пронајдена мртва на автопатот „Арбен Џафери“ во Косово

Катерина Ѓуровски

Вучиќ за Косово: На сите во лице им кажав што нема да исполниме од Охридскиот договор

Горан Наумовски

Косово одбележува 16 години од независноста

А1он

Во Брезовица загина поранешната скијачка Кетрин Ригби

Горан Наумовски