Тачи: Нема да поднесам оставка од претседателската функција ако бидам повикан во Хаг

Од:

Претседателот на Косово Хашим Тачи изјави дека досега нема добиено покана да се јави пред Специјалниот суд за воени злосторства во Косово, чие седиште е во Хаг, во својство на обвинет, како еден од основачите и водачите на поранешната Ослободителната војска на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во синоќешното интервју за телевизијата Т7, Тачи рече дека не може да предвиди дали ќе биде повикан во Хаг, но потврди дека доколку добие покана секако ќе одговори на неа, како и неговите соборци од ОВК.

Тој потврди дека во Хаг и во Приштина веќе бил интервјуиран како сведок за неколку случаи за кои трибуналот покренал истраги.

– Бев интервјуиран, во случајот на господинот (Фатмир) Лимај и господинот (Рамуш) Харадинај, во Хаг, потоа во Косово повторно во случајот на Лимај, како и за еден случај во врска со претендирани воени злосторства. Одговорив позитивно, бев интервјуиран, се затвори испитувањето во својство на сведок, изјави Тачи.

Тој нагласи дека, и доколку биде повикан од меѓународниот трибинал како осомничен за воени злосторства, нема намера да даде оставка од функцијата претседател на државата.

– Воопшто не ми паѓа на памет. Зошто би си заминале дома, ако не сме обвинети. Немам никаква причина за вознемиреност. Ако добијам покана, ќе одговорам, изјави Тачи.

Специјалниот суд со седиште во Хаг, познат во косовската јавност како „Суд за ОВК“, го водат меѓународни обвинители и судии. Формалната работа ја започна во јануари минатата година, со испитувањето на еден од поранешните команданти на ОВК.

Покана да се јават пред обвинителството, во својство на осомничени или сведоци за злосторства против цивилното албанско и српско население во Косово за време и по последната војна со Србија, според досегашните информации, имаат добиено околу 300 поранешни водачи или други припадници на ОВК.

Истрагите, како што е најавено, се сконцентрирани на претпоставени злосторства во периодот од јануари 1998 до декември 2000 година.

Би можело да ве интересира

Косовскиот претседател Тачи во посета на Тирана

А1он

Хоти: Главен преговарач со Србија ќе бидам јас, согласно Уставот на Косово

Ана Ололовска

Дачиќ негира дека Србија ја прекинала кампањата против признавањето на Косово

А1он

Вучиќ: Отворени сме за разговорите со Приштина

А1он

Курти се потпиша на петицијата на Самоопределување за вонредни избори

Ана Ололовска

Хоти ја почна работата како нов косовски премиер, Курти не му ја предаде должноста

Ана Ололовска