Тачи: Да се обединиме како пред 20 години во Рамбује

Од:

Косовскиот претседател Хашим Тачи изјави дека финализацијата на Мировната конференција во Рамбује во Франција, на денешен ден пред 20 години, беше првата дипломатска победа на Косово, која го отвори патот за интервенцијата на НАТО и запирањето на етничкото чистење во Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Тачи, кој ја предводеше делегацијата на косовските Албанци на преговорите со српската страна, што со меѓународно посредништво се одржаа во 1999 година во Рамбује, порача дека со тој договор се финализира процесот на ослободување на Косово.

– Финализирањето на Конференцијата во Рамбује во Париз пред 20 години беше нашата прва дипломатска победа, која го отвори патот за воена интервенција на НАТО за спречување на етничкото чистење во Косово. Овој договор го финализира процесот на ослободување на Косово, кој започна со нашата жртва и борба. Тој се претвори во тестамент за прогласување на независноста на Косово, напиша Тачи на Фејсбук.

Тој ги повика политичките субјекти на Албанците во Косово да се обединат, како што тоа го направија тогаш во Рамбује, за да ги постигнат следните цели.

– Обединувањето на политичкиот спектар во тоа време и непоколебливата верба во Соединетите Американски Држави го овозможи постигнувањето на овој договор по тешките и исцрпувачки преговори. Сега, исто како и пред 20 години, треба да се обединиме за да го оствариме нашиот следен сон – зачленувањето на Косово во ЕУ, НАТО и ОН, порача Тачи.

Мировниот договор кој го изготви меѓународната Контакт група, на 19 март 1999 го потпиша само косовската делегација, додека српската страна го одби. Откако специјалниот пратеник на САД Ричард Холбрук на 22 март не успеа да го убеди тогашниот српски претседател Слободан Милошевиќ да го прифати договорот, на 24 март започнаа воздушните напади на НАТО врз цели во тогашна СР Југославија. По 78 дена бомбардирања, на 9 јуни 1999 во Куманово беше потпишан воено-технички договор меѓу НАТО и СРЈ, со кој Србија беше принудена да ги повлече сите свои воени и полициски сили од Косово. Два дена подоцна започна распоредувањето на меѓународната воена мисија, КФОР, која во помал обем отколку на почетокот, и денес продолжува да функционира во Косово.

Би можело да ве интересира

Како во Чернобил: На Косово со заштитна опрема се бројат гласовите од Србија

Цакај: Ако ја исклучат Приштина од балканскиот „мини Шенген“, Албанија веднаш ќе се повлече

Поранешниот ректор на Приштинскиот универзитет повикан на распит од Специјалниот суд за Косово

Спасовски – Мустафа: Северна Македонија произведува стабилност и мир во Западен Балкан

Курти: Нобелот за Хандке е награда за адвокатот на геноцидот

Ана Ололовска

Харадинај: Курти е еден добар измамник

Ана Ололовска