Тачи: Ако се потврди обвинението од Хаг, ќе поднесам оставка од претседателската функција

Од:

Косовскиот претседател, Хашим Тачи изјави дека доколку се потврди обвинението за воени злосторста, кое е покренато против него пред Меѓународниот суд за Косово, ќе поднесе оставка од претседателската функција.

Во вечерашното обраќање до јавноста по повод обвинението од Специјалното обвинителство за Косово, чие седиште е во Хаг, Тачи рече дека е подготвен да се соочи со евентуалните обвиненија, но дека тоа нема да го стори од претседателскиот кабинет.

Тој оцени дека соопштението од Хаг, објавено на 24 јуни, го спречи одржувањето на мошне значајната средба со српската страна во Белата куќа во Вашингтон и „нанесе силен удар на можноста за постигнување мир меѓу Косово и Србија“.

„Косово треба да обезбеди стабилно функционирање на државните институции во сите околности. Во ова ново и тешко поглавје само обединети можеме да чекориме напред, како на национален, така и на меѓународен план. (…) Ве уверувам уште еднаш дека со правдата нема да се соочам од овој кабинет. Доколку обвинението се потврди јас ќе поднесам оставка како ваш претседател,“ рече Тачи.

Тој најави дека во наредните денови ќе се консултира со косовските политички лидери за наредните чекори што треба да се преземат во новосоздадената ситуација.

„Косово е млада држава, но нејзините лидери треба да се однесуваат како вистински државници. Ќе го понесам овој товар и ќе се одбранам себе и нашата борба за слобода, со сите мои сили,“ порача Тачи, како што јави МИА.

Тој нагласи дека борбата на Ослободителната војска на Косово (ОВК), чии основачи и водачи, меѓу другите, беа тој и Весели, била праведна и дека единствени кои во војната извршиле злосторства врз цивилното население биле српските воено-полициски и паравоени сили под команда на тогашниот претседател на Србија Слободан Милошевиќ.

„Немам направено никакво злосторство. Единствен закони кој го имам прекршено е оној на Слободан Милошевиќ,“ рече Тачи, упатувајќи им забелешки на меѓународниот фактор и неговите правни механизми за неправедно обвинување на ОВК и „затворање очи“ пред српските злосторства врз Албанците во Косово.

Според него, Европската унија применува двојни стандарди во однос на Косово и Србија.

„Додека Србија чекори кон зачленување во ЕУ, на граѓаните на Косово им се негира правото за слобода на движење, изјави Тачи.

Минатата недела беше објавено дека Специјалното обвинителство за Косово, со седиште во Хаг, подигнало обвиненија против основачите и водачите на ОВК, Тачи и Весели, како и против други лица, за голем број злосторства против човештвото и за воени злосторства, вклучително и убиства на цивили Албанци, Срби, Роми и други.

Хаг објави соопштение во кое се наведува дека во Специјализираните комори за Косово, како што е официјалниот назив на судот, на 24 април е доставено споменатото обвинение, а дека истото треба да го потврди судија во претходна постапка.

Би можело да ве интересира

Приштина тврди дека Србите не ја искористиле можноста да гласаат на референдумот

Во Косово приведен македонски државјанин по кого е распишана меѓународна потерница заради тешко убиство

Орце Костов

Македонија ќе поддржи резолуција за геноцид во Сребреница

Орце Костов

Германија испраќа дополнителни војници во Косово

Горан Наумовски

Уапсен Србин на Косово: Обвинет е за воени злосторства

Горан Наумовски

23-годишна Украинка пронајдена мртва на автопатот „Арбен Џафери“ во Косово

Катерина Ѓуровски