Стратфор: Русија го шири своето влијание на Балканот

Од:

Влијанието на Москва во следниот период ќе продолжи да се шири во најтурболентните подрачја на балканскиот регион, оценува американскиот истражувачки институт Стратфор во својот извештај под наслов „Русија удира во осиното гнездо на Балканот“.

Во извештајот се посочува дека Русија би можела да ги искористи поделбите во турболентните делови на Балканот, како Србија со Косово, Црна Гора и Македонија, за да предизвика кризни состојби кои Западот не ќе може да ги смири.

Стартфорт оценува дека Балканот отсекогаш „претставувал сцена за натпревар меѓу големите сили“, кои се бореле за наметнување на своето влијание во регионот.

– За време на Југославија влијанието на Русија беше неспорно, но со распадот на земјата во 1991 година тоа почна да се намалува, па денес имаме состојба во која балканските земји главно се под доминација на Западот, се наведува во документот.

Меѓутоа, според Стратфор, со продлабочувањето на поделбите во Европската унија и зголемената неизвесност во НАТО, Москва својот фокус повторно го насочува кон Балканот, во прилог на што и одат и зголемените тензии во регионот.

Во извештахот, како што пренесува Танјуг, се наведува дека во такви услови Македонија е „на удар на руска кампања на дезинфромирање“.

– Рускиот министер за надворешни работи ги обвини ЕУ и САД дека ги поддржуваат сепаратистичките движење на албанското малцинство, кое сочинува 25 проценти од македонското население, со цел „создавање на Голема Албанија“, се наведува во извештајот.

Натаму, Стратфор оценува дека во последните две години расте влијанието на Русија во Србија, која има амбиции да стане членка на ЕУ. Според институтот, тоа влијание посебно е видливо во медиумите и невладините организации, како и во засилувањето на воената соработка меѓу Белград и Москва.

– Србија во наредниот период како подарок од Москва ќе добие шест борбени авиони МиГ-29 и десетина тенкови и борбени возила, посочува Стратфор.

Во извештајот се наведува и дека властите во Приштина стравуваат оти поради поделбите во ЕУ и новата Администрација во Вашингтон, Западот нема да биде доволно посветен на косовската сувереност и дека Русија би можела да го искористи тоа за создавање криза меѓу Србија и Косово.

– Москва е изложена на обвиненија од Црна Гора дека стои зад заговор и обид за атентат на (поранешниот) премиер Мило Ѓукановиќ. Русија ги отфрла обвиненијата за заговор и ја обвини црногорската Влада дека намерно ја оцрнува. Но, новите избори во 2018 година би можеле да претставуваат шанса за Русија да посее семе на раздор во кревката Влада на Црна Гора, смета Стратфор.

Во извештајот се оценува и дека референдумот за независност на Република Српска, кој „претседателот Милорад Додик планира да го распише следната година“, би можел да ги зголеми шансите на Москва за засилување на своето влијание на тоа подрачје.

Стратфор констатира дека сепак сите земји во регионот не подлегнале на руското влијание и како пример ја посочува Хрватска, која е членка на ЕУ и НАТО. – Хрватска активно се бори да го спречи влијанието на Русија и на нејзините медиуми, стои во извештајот.

Според институтот, сличен е случајот и со Албанија, која исто така е членка на НАТО и има амбиции да се приклучи кон ЕУ.

– Руската Влада нема илузии дека ќе ги придобие балканските земји на своја страна, но сепак на балканскиот регион гледа како на осино гнездо што може да го растресе и да создаде криза која ЕУ и НАТО не би можеле да ја зауздаат, се оценува во анализата на Стратфор.

Би можело да ве интересира

Урсула фон дер Лајен: Го сакаме Западен Балкан во Европската Унија

Екстремен топлотен бран на Балканот, Македонија и соседите вријат

Балканот денеска е најтоплиот дел од Европа

Катерина Ѓуровски

Според Индексот на човечки развој Југоисточниот регион на земјава најнеразвиен во цела Европа

Лидерите на Европската Унија усвоија 18 заклучоци, од кои еден се однесува на роамингот на Балканот

Голема балканска акција за лов на педофили: 39 осомничени, вклучена и Македонија

Анита Петровска Рајковиќ