Српски медиуми: Ерменците и Азербејџанците се убиваат со оружје од Србија што им го продал финансиер на Вучиќ

Од:

Дел јавно и официјално, а дел преку тајни канали, големи количества српско оружје завршиле во Ерменија и Азербејџан, кои најверојатно ќе го употребат во обновените воени судири за областа Нагорно-Карабах, објави денеска телевизијата „Нова.рс,“ повикувајќи се на документи и претходни новинарски истражувања.

Во Азербејџан и Ерменија е прогласена воена состојба, а војници од двете земји повторно гинат во борбите за спорната област која е дел од Азербејџан, но е мнозински населена со Ерменци.

Србија официјално негува одлични односи со Азербејџан, но тие летово беа ставени на тест кога истражување на неделникот „Нин“ објави дека десетици летови натоварени со српско оружје биле извезени во Ерменија, а трагите одведоа до компанија во сопственост на Слободан Тешиќ, финансиер на партијата на српскиот претседател Александар Вучиќ.

Тешиќ, како што пишуваат медиумите, ги финансирал сите досегашни српски власти, а важи за контроверзен и таинствен бизнисмен, кој ретко кој знае како изгледа, затоа што е тешко да се дојде до негова фотографија. Неговото име првпат се спомнува во 2003 година, кога во аферата „Орел“ беше откриено дека пешадиско оружје произведено во српската фабрика „Застава“ преку црни канали се нашло во Нигерија, која во тоа време била под меѓународно ембарго за увоз на оружје.

По оваа афера, Тешиќ бил ставен на црната листа на Обединетите нации за нелегална трговија со оружје, а за случајот бил снимен и документарен филм на „Би-би-си“.

Неговата компанија во 2018 година потпишала два договора со Ерменија за испорака на противавионски топови, мини за минофрлачи и ракети, вредни над десет милиони евра.

Новата афера, откриена во јули, сериознo ги разниша односите на Србија и Азербејџан, во време кога двете земји имаат потпишано план за стратешко партнерство и билатерални договори во многу области, меѓу кои и за извоз на српско оружје во Азербејџан.

Со ова, Србија одиграла двојна улога и истовремено ги наоружувала двете земји, пишуваат српските медиуми. Безбедносните експерти велат дека нема сомнение оти српско оружје се користи во конфликтот во Нагорно-Карабах, но и дека поразорното оружје сепак доаѓа од други страни, пред се од Русија, Турција и Израел.

Би можело да ве интересира

Пукање во Белград, повреденото момче не и кажува на полицијата кој го нападнал

Криминалци од Србија продавале дрога и оружје во Данска, заработиле над два милиони евра

Вработена во српското МВР издавала фалсификувани пасоши

Земјотрес во Крагуевац: „Добро се стресе“

ВИДЕО: 25 години од НАТО нападот на Србија

Катерина Ѓуровски

На млад фудбалер му била одземена платата бидејќи ставил „лајк“ на дуелот меѓу Русија и Србија во Москва