Српската црква не го пушта Курти да го посети манастирот Дечани

Од:

Рашко-призренската епархија, како седиште на Српската православна црква (СПЦ) во Косово, денеска го одби барањето на косовскиот премиер Албин Курти, упатено до игуменот на манастирот Високи Дечани, отец Сава Јањиќ, да го посети првославното светилиште.

Во соопштението на епархијата, по вчерашното писмо на Курти до Јањиќ, се вели дека „без претходно почитување на судските одлуки и владеење на правото, сосема е бесмислено да се одговара на такви писма“.

Епархијата, се вели во соопштението, „останува на својот порано јасно изложен став дека ако албанските косовски институции сакаат да покажат минимум добра волја за почитување на верските права на СПЦ во Косово, должни се во целост да ги исполнат одлуките на Уставниот суд на Косово од 2016 година за признавање на манастирскиот имот“.

– Таа одлука веќе пет години упорно се игнорира наспроти барањата за нејзино спроведување од страна на манастирот и меѓународните претставници. Покрај тоа, министерот за просторно планирање од владата на г. Курти јавно ја отфрли одлуката на Комисијата за специјално заштитени зони од ноември 2020 година за изградба на обиколница околу заштитената зона на манастирот. Во ваква ситуација одговарањето на такви писма, без претходно почитување на судските одлуки и владеење на правото,сосема е беспредметно, порача Епархијата.

Писмото уследи еден ден откако министерот за култура, млади и спорт на Косово, Хајрула Чеку го објави писмото на премиерот Албин Курти до отец Сава Јањиќ, во кое изрази желба да го посети манастирот и со игуменот, архимандритот Сава, да разговара за прашања „од заеднички интерес“.

Српските медиуми, во Косово и Србија, потсетуваат и дека Курти му пиша на игуменот во истата недела во која, заедно со претседателката на Косово, Вјоса Османи и собранискиот спикер Глаук Коњуфца, се обрати до УНЕСКО со барање четири православни манастири во Косово, меѓу кои и Високи Дечани, да се симнат од листата на загрозени споменици и, наместо Србија, како одговорна држава за тој манастир да се заведе Косово.

– Во јавноста, меѓутоа, не делува дека двете страни имаат заеднички интерес, но имаат прашања од заеднички интерес, околу кои имаат дијаметрално спротивставени ставови, коментира косовскиот портал на српски јазик „Коссев“.

Би можело да ве интересира

Посебен режим на сообраќај денеска и утре во Скопје

САД го повика Курти да ја одложи одлуката за укинување на динарот

Курти за средбата со Рама и Таравари: Мора да бидеме еден за друг

Дачиќ: Ако Србија реши да војува, на Косово нема да му помогнат ниту милион „Џавелини“

Катерина Ѓуровски

Нерегистрирано во Македонија, движењето на Курти влезе во коалицијата на Меџити, Касами и Гаши

Курти: Милан Радоичиќ планира нови напади на Косово