Српска вицепремиерка: На Србија местото и е во ЕУ, затоа насока кон Запад, сè друго е наметната дилема

Од:

Српската вицепремиерка и министер за рударство и енергетика Зорана Михајловиќ изјави дека на Србија местото и во ЕУ, дека тоа е стратешка цел на државата и политика што ја спроведуваат Владата и претседателот на Републиката и дека инсистирањето Србија да биде неопределена е наметната дилема, јави дописникот на МИА од Белград.

-Длабоко верувам дека патот на Србија е дефинитивно Европа и дека на нашата земја местото и е во ЕУ, без оглед на различните коментари што ги слушаме со години, а кои зачестија во последните недели. И бевме јасни, и Владата и претседателот на Србија, дека тоа е нашата стратешка цел и пат, без разлика што понекогаш отворањето на поглавја, или кластери е побавно отколку што би сакале. Дали треба да бидеме побрзи и поефикасни во исполнувањето на европските стандарди – треба, и на тоа работиме, рече Михајловиќ, одговарајќи на прашања на новинарите на 14-от нафтен форум на Енергетската заедница во Белград, соопштија од нејзиниот кабинет.

-Србија и да сака, не може да биде нова регионална единица во Руската Федерација, ниту нова покраина во Кина, ниту нова американска сојузна држава, бидејќи географијата вели поинаку. Србија е во Европа. Ние припаѓаме на Западна Европа и географски, економски и вредносно. Ние припаѓаме на Западот, и местото ни е во ЕУ. Мислењето што се слуша дека не треба да бидеме ниту на Исток ниту на Запад е наметната дилема, поради притисоците што се вршат, а пак повторувам, тоа не е можно поради географијата. Исто така, се зборува за неутралност. Иако тоа на почетокот звучи прифатливо, чини многу. Не сум видела никаква пресметка и кој и на кој начин тоа ќе го плати. Затоа, насока Запад. Што не значи дека Србија не водела, не води и нема да води своја политика, туку ќе разменуваме вредности со сите околу нас. Нашата земја никогаш не била неопределена и мојот став е дека треба да бидеме со нашите сојузници и против нападот на Русија врз Украина, како што јасно се определивме на почетокот на нападот и го осудивме во ОН. Исто така, мислам дека треба да се направи разлика меѓу рускиот народ, со кој имавме и ќе имаме пријателски односи, и меѓу оние кои сега ја водат таа земја и под чие водство беше извршена агресијата врз Украина и се случуваат воени злосторства изјави Михајловиќ, соопштија од нејзиното ресорно министерство.

Во второто соопштение од нејзиниот настап на 14-от нафтен форум на Енергетската заедница во Белград, таа кажа дека стратешките цели во нафтениот сектор во Србија се да се обезбеди безбедно снабдување со енергија и енергетски производи, со подобрување на соодветниот енергетски пазар преку имплементација на европските директиви.

-Ние направивме грешки во минатото, пред сè затоа што ја продадовме нашата компанија на Гаспром во 2008 година. Минатата година Србија усвои нова законска рамка во областа на енергетиката и рударството, со што е постигнато целосно усогласување со регулативите од Третиот енергетски пакет на енергетското законодавство на ЕУ и одредени одредби од пакетот на ЕУ-Чиста енергија за сите Европејци. Со петтиот пакет санкции на ЕУ против Руската Федерација, преку исклучоци е овозможено непречено снабдување со сите видови нафта преку Јадранскиот гасовод. Со шестиот пакет беше утврдено дека по 1 ноември повеќе нема да можеме да купуваме сурова нафта од руско потекло, но остана отворена можноста за купување на сите други видови сурова нафта на слободниот пазар.

Со имплементацијата на сите краткорочни мерки поврзани со обезбедувањето на безбедноста на снабдувањето, Србија останува посветена на прашањето за декарбонизација и на нејзините обврски од Парискиот договор и декларацијата од Софија за Зелената агенда за Западен Балкан. На ова ќе работиме преку усвојување на интегриран национален енергетски и климатски план за периодот до 2030 година, со проекции до 2050 година и со стратегија за развој на енергетиката на Република Србија за периодот до 2040 година, со проекции до 2050 година. Постигнувањето и на краткорочните и на долгорочните цели бара заедничка работа, солидарност и поврзаност и во тоа ја гледам важната улога на Енергетската заедница, кажа Михајловиќ, се наведува во соопштението од министерството за рударство и енергетика.

Би можело да ве интересира

Земјотрес кај Чачак

Австриските власти го екстрадираат во Србија осомничениот за убиството на Нусрет Дестановиќ

Вучиќ: Недозволиво, ќе го гониме напаѓачите на хрватските новинари

Во Панчево нападнати четворица Хрвати и двајца Срби кои ги бранеле

Катерина Ѓуровски

Османи: Македонија е коспонзор на Резолуцијата за Сребреница, важно е Србија да гласа дека имало геноцид

Орце Костов

Македонија ќе поддржи резолуција за геноцид во Сребреница

Орце Костов