Сплитскиот убиец Чалета откри зошто се обиде филмски да избега: Ме скрши присуството на родителите во судницата

Од:

Бранимир Чалета, убиецот кој вчера им избега на судските полицајци во моментот кога го спроведуваа од сплитскиот суд, денеска изјави дека не го планирал бегството, а на очајничкиот чин се одлучил во моменти на тешко емотивно растројство поради судењето и присуството на неговите родители во судницата.

Чалета вчера ја крена на нозе целата сплитска полиција, но и хрватската јавност, кога трчајќи им избега на судските стражари што го спроведуваа, и покрај тоа што тие испукаа предупредувачки куршуми во воздух, а потоа осум часа се криеше низ сплитските улици.

36-годишниот Чалета, кому му се суди за бруталното убиство на неговата поранешна девојка од Украина, која била во осмиот месец од бременоста, беше уапсен нешто по 20 часот.

По невидената потера, во која беа ангажирани стотици луѓе, полицијата соопшти дека Чалета и во моментот на апсењето се обидел да избега и дека бил приведен со употреба на сила.

Чалета на полицајците им кажал дека дента воопшто не планирал да бега.

„Целата ситуација ме скрши, во судницата си ги видов родителите, а јас сепак сум 13 месеци затворен и многу ми е тешко така да ги поминувам деновите во ќелијата. По таа емотивна средба, одлучив да побегнам. Не, не е точно дека полицајците не ми ги ставија лисиците на рацете, тоа е апсолутна измислица. Тие ми ги ставија лисиците, а јас во текот на бегството ги извадив, и тоа пред да дојдам до Турската кула,“ им раскажал избеганиот, па фатен убиец на сплитските полицајци кои го апселе, според „Слободна Далмација“

Чалета во јуни го призна делото и изрази каење, а за свирепото убиство на бремената Гана Китаева, извршено во Украина во 2013 година, му се закануваат од 20 до 40 години затвор.

Би можело да ве интересира

Убиен работник од Украина во Славонски Брод

Горан Наумовски

Земјотрес во Риека: Се тресеше тлото во Хрватска

Горан Наумовски

Германските медиуми за изборите во Хрватска: Најверојатно ќе започне фаза на нестабилност

Отворени избирачки места на парламентарните избори во Хрватска

Невреме ја зафати Хрватска, метеоролошкиот аларм е на сила за целата земја

Горан Наумовски

Вучиќ: Недозволиво, ќе го гониме напаѓачите на хрватските новинари