Случувањата во поширокиот регион во фокусот на трилатералната средба на МНР на Грција, Израел и Кипар

Од:

Важноста на трилатералната соработка и комуникација за зајакнување на односите меѓу трите земји ги истакнаа шефовите на дипломатиите на Грција, Израел и Кипар, Никос Дендиас, Габи Ашкенази и Никос Христодулидис, по нивната средба во грчкото МНР, јави дописничката на МИА од Атина.

Разговорите биле фокусирани на случувањата во поширокиот регион, односно во Источниот Медитеран и на Блискиот Исток.

Христодулидис и Дендиас истакнаа дека се отворени за проширување на соработката и со други земји, но под предуслов да се почитува меѓународното право.

-Стратешкиот однос меѓу Грција, Кипар и Израел е ветувачки, но не е насочен против никого. Напротив, отворена покана е до сите, без исклучок, под еден основен услов, она што се подразбира, почитување на меѓународното право и почитување на добрососедските односи, рече шефот на грчката дипломатија.

Дендиас, говорејќи за позициите на Турција, истакна дека „регионот нема да се врати во 19 век“, додека пак министерот за надворешни работи на Кипар рече дека со шефот на грчката дипломатија го известиле нивниот израелски колега за „турските провокации и нелегални активности во Ексклузивната економска зона на Кипар, во морскиот дел на Медитеранот и Егејското Море, каде што Анкара продолжува со нелегалните дупчења и сеизмичките истражувања“.

-За жал, додека се во тек низа позитивни случувања и активности насочени кон постигнување на целта за мир, стабилноста и безбедноста во регионот, Турција е исклучок, бидејќи со низа незаконски активности ги зголемуваат тензиите и ја нарушуваат регионалната стабилност. Ова го гледаме не само во Кипар и Грција, туку и во Сирија, Либија, Ирак и пошироко, рече Христодулидис.

Шефот на израелската дипломатија истакна дека верува во важноста на дипломатијата и почитувањето на меѓународното право, а целта на средбите е, како што рече, да се продолжи стабилноста и одбранбената соработка, но и безбедноста во регионот.

-Убеден сум дека овие средби можат дополнително да ги зајакнат нашите односи преку креативна дипломатија и со други земји од регионот и ќе можеме да го привлечеме нивниот интерес за нашиот регион, а на овој начин да стигнеме до просперитет, мир и искрени односи меѓу нас, рече Ашкенази.

Истакна дека во поширокиот регион се отвораат прозорци на можности меѓу различни земји, а ги спомена договорите на Израел со Бахреин, Обединетите Арапски Емирати и Судан.

Нормализирањето на односите на Израел со трите земји, го поздравија шефовите на грчката и на кипарската дипломатија.

Тројцата министри за надворешни работи разговарале и за зајакнување на нивната соработка во повеќе области.

Би можело да ве интересира

Два силни земјотреси ја погодија Грција

САД и Германија ги предупредија Израелците да не ја напаѓаат Рафа

Британците првпат со падобрани испорачаа помош во Газа, испратија порака и до Израел

Катерина Ѓуровски

Израел не дозволува конвои со храна да минуваат до северниот дел на Газа

Катерина Ѓуровски

Тело на мртов маж најдено во Јанина, околу главата и нозете му биле врзани вреќи со ѓубре

Горан Наумовски

САД предлага итен прекин на огнот во Газа