Санадер: Пак ќе ги водам Хрватска и ХДЗ

Од:

Поранешниот хрватски премиер Иво Санадер, против кого се водат четири судски процеси, вели дека е уверен оти од сè ќе излезе невин и дека повторно ќе ги води ХДЗ и земјата.

Порталот на загрепскиот весник „Јутарњи лист“ објавува делови на автентични записи од разговори со Санадер објавени во книга која ја потпишал Дан Алексеј, претставен како угледен белгијски новинар од романско потекло.

Уредништвото на „Јутарњи лист“ го ангажирало Алексеј да се обиде да ги открие длабинските причини ипоради кои ветувачката политичка кариера завршил на обвинителната клупа. Книгата допрва треба да биде испечатена, а работниот наслов и е „Хрватски хибрис“ или „Иво Санадер – портрет на една нација“.

Во своите исповеди Санадер раскажува дека нападите против него почнале после прес-конференцијата во 2010 година на која обелодени дека сака да се врати во политиката, шест месеци откако си поднел оставка.

За се што му се случува, поранешниот хрватски премиер ги обвинува своите партиски колеги од ХДЗ – Јадранка Косор, која го наследи на челото на владата, потоа Младен Бајиќ и Томислав Карамарко, за кои вели дека ги измислиле сите случаи против него за да го уништат.

– Знам дека ќе победам во овој процес. Да, медиумите се против мене, тука е и Бајиќ, кој ги користи новинарите против мене, но знам дека ќе победам… Знам дека од ова ќе излезам неповреден и дека еден ден повторно ќе ги водам партијата и земјата. Го имам тоа во себе. Тоа е повик, професија… – уверен е Санадер.

Нарекувајќи сè што му се случува „голема лакрдија“, Санадер се прашува и како исчезнала претпоставката за невиноста, оти веќе година и половина непрекинато се повторува дека е виновен и дека судот нема што да расправа за оправданоста на тужбата против него, туку само требало да реши за височината на казната. Тврди и дека не е нападнато само неговото семејство, туку и неговите пријатели коишто му помагале, па и оние кои само зборувале добро за него. Исто така, ги негира сите обвиненија против него и додава дека поднел оставка во 2009 година, меѓу другото, и поради тоа што бил „малку уморен“.

– Тоа беше вест што шокираше многумина – вели Санадер, појаснувајќи дека претходно ги известил своите партиски колеги, кои, како што вели, биле уверени дека тоа го прави за да се кандидира за претседател на државата.

Според неговите зборови, кога поднел оставка и во партијата и во владата с`е функционирало добро.

Поранешниот лидер на ХДЗ смета дека одлуката на функциите да го замени Косор била логична, оти таа му била предана и Санадер ниту на сон не помислувал дека само шест месеци подоцна токму таа ќе го исфрли од партијата.

Би можело да ве интересира

Германските медиуми за изборите во Хрватска: Најверојатно ќе започне фаза на нестабилност

Отворени избирачки места на парламентарните избори во Хрватска

Невреме ја зафати Хрватска, метеоролошкиот аларм е на сила за целата земја

Горан Наумовски

Вучиќ: Недозволиво, ќе го гониме напаѓачите на хрватските новинари

Во Панчево нападнати четворица Хрвати и двајца Срби кои ги бранеле

Катерина Ѓуровски

Хрватска танцува за поддршка на евровизискиот претставник, Бејби Лазања

А1он