ВИДЕО: „Само српските раце ли се крвави?“ – Вучиќ се расправаше за Косово со пратеникот Камбери

Од:

Денешната седница на српскиот Парламент посветена на косовското прашање и на дијалогот Белград-Приштина во Брисел помина во знак на расправата на пратеникот од Обединети долини-СДА Санџак Шаип Камбери и српскиот претседател Александар Вучиќ околу злосторствата извршени за време на војната во Косово.

Камбери рече дека бриселскиот дијалог и натаму останува главниот механизам на процесот на нормализација, но неговото обраќање во поголем дел го посвети на српските злосторства над албанското население во Косово.

Тој кажа дека и Србија денес е изморена од многу работи, од својата „кавга со Европа“, но и од темата Косово, и порача дека треба да се најде решение за спорот.

„Луѓето треба да бидат запознаени дека Србија денес мора да разговара со оние на кои им ги убиваше децата, а на многумина и цели семејства. Вие можеби во рундата преговори ќе имате некого чиешто семејство го убиле „Шкорпионите“,“ рече меѓу другото Камбери во своето излагање, заклучувајќи дека српскиот народ треба „да се погледне себеси со туѓи очи“ и „конечно да сфати дека стекнувањето пријатели е поважно од стекнувањето територија“.

Во одговорот, Вучиќ рече дека е „горд на Србија која не ги крие злосторниците“ и додаде дека „за српските жртви очигледно нема правда“.

Вучиќ нагласи дека секогаш наведувал дека Србите „не секогаш биле ниту светци, ниту ангели“.

„Од вас албанските претставници никогаш не сум чул дека сте вршеле злосторства. Зарем не вршевте? Дали вашите раце се чисти, а само српските крвави? Тешко да поверувам, а во тоа ме уверуваат и фактите“, рече Вучиќ од парламентарната говорница.

Тој потоа ја спомена Саранда Богојевци, која во 1999 само со чудо избегнала смрт во дворот од својата куќа, кога за време на акција на српската паравоена формација „Шкорпиони“ се убиени 14 жени и деца.

„Морате да знаете дека таа е примена во Белград во 2013 година, слободно дојде во Белград и зборуваше за тешкото злосторство кое е извршено над нејзиното семејство“, рече Вучиќ.

„А, кој ќе зборува за злосторството над семејството Шутаковиќ, каде три деца беа злосторнички убиени и заедно со своите татко и мајка закопани така да не можат да бидат пронајдени. Од тоа семејство нема кој да дојде во Приштина и да зборува за злосторството, затоа што никој од нив не преживеа“, рече Вучиќ во одговорот на излагањето на Камбери.

Би можело да ве интересира

Вучиќ: На Србија и претстојат тешки денови

Горан Наумовски

Го погребаа Вучиќ, некролог излепен низ Белград – пореметени луѓе мислат ова е политика, остра Брнабиќ

Анита Петровска Рајковиќ

Вучиќ: Ќе му честитам на кого сакам, не сум никому слуга

Горан Наумовски

Вучиќ: Цел свет скока да ја брани Украина, а кога ќе украдат дел од територијата на Србија, тогаш ништо

Горан Наумовски

Вучиќ: На самитот во Тирана со почит се слушаше гласот на Србија

Вучиќ: Украина е пријател на Србија, не ја призна независноста на Косово

Горан Наумовски