САД бараат објаснување од Србија за тоа што е потпишано со Русија, ЕУ сериозно загрижена

Од:

Соединетите Американски Држави бараат објаснување од Србија за тоа што е всушност документот потпишан од Србија и Русија за време на заседанието на Генералното собрание на ОН во Њујорк, изјави американскиот амбасадор во Србија Кристофер Хил, јави дописникот на МИА од Белград.

-Во овој момент никој не треба ништо да потпишува со Русија, многу малку и потпишуваат нешто со неа. Освен оние кутри регрути кои ги мобилизираат да одат во војна, изјави американскиот амбасадор Хил по регионалниот форум „Добро владеење и антикорупциските политики во време на геополитичка неизвесност“ во Белград, што го отвори заедно со шефот на делегацијата на ЕУ во Србија, Емануел Жиофре.

Хил рече дека во текот на минатата недела во Њујорк имало одлични разговори меѓу делегациите на САД и Србија и дека на крајот на неделата и по сите тие разговори дознале за потпишувањето на протоколот. Американскиот амбасадор додава дека не го виделе потпишаниот протокол, бидејќи не е јавен документ.

-Тешко ни е да разбереме. Сакаме да слушнеме што сака Србија во иднина да направи и да видиме какви односи ќе развива со земја која брутално го нападна својот сосед, па дури и користи закани за употреба на нуклеарна сила. Сакаме да разбереме на што се засноваат односите за соработка меѓу Србија и Русија, рече Хил.

На новинарско прашање да ја коментира објавата на српскиот претседател Александар Вучиќ на Инстаграм, кој се фотографираше како јаде боршч во Њујорк, Хил со насмевка одговори дека најчесто избира италијанска или кинеска храна во Њујорк, но дека сите различно избираат.

Шефот на Делегацијата на Европската унија во Србија, Емануеле Жиофре рече дека „не е време за зајакнување на врските со Русија“ и оцени дека договорот што Србија го потпиша во Њујорк со Русија испрати сосема спротивна порака на онаа на која ЕУ смета.

-Не смееме да заборавиме дека Русија веќе седум месеци спроведува агресија врз Украина и ја интензивира таа кампања со мобилизирање 300.000 луѓе, организирање нелегални референдуми за отцепување на делови од Украина, како и да се заканува дека ќе употреби оружје за масовно уништување, посочи тој на регионалниот форум.

Според него, „ова не е време за зајакнување на врските со Русија“. – Тој договор што беше потпишан испрати сосема спротивна порака, без разлика што (Србија) порача дека нема да ги признае резултатите од референдумот организиран од Русија, рече Жиофре.

Тој истакна дека е важно Србија да сака да стане дел од ЕУ и дека на тој пат мора постепено да се усогласува со сите стандарди и вредности на ЕУ, вклучително и со надворешната политика, односно со воведувањето санкции против Русија.

На овој документ регираше и ЕУ преку портпаролот на Унијата Петер Стано, кој рече дека ЕУ е „сериозно загрижена“ поради приближувањето на однсоите меѓу Србија и Русија.

-Живееме во време на незаконска, неиспровоцирана и неоправдана агресија на Русија врз суверената држава Украина. Договорот за редовни консултации меѓу министерствата за надворешни работи на Србија и агресорот Русија, во овој момент, дава особено силен сигнал за нивната намера да ја зајакнат соработката со Русија и тоа поставува сериозни прашања, изјави Стано денеска на прес-конференција.

Министрите за надворешни работи на Србија и Русија, Никола Селаковиќ и Сергеј Лавров на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк потпишаа План за консултации на министерствата за надворешни работи на двете земји за следните две години.

Селаковиќ вчера рече дека станува збор за техничка работа, која се спроведува од 1996 година и дека договорот го напаѓаат „оние кои не го ни виделе“. Тој план, како што рече, содржи идни потези во однос на консултациите на ОН за Косово, билатералните односи и мултилатералните активности, а во него нема безбедносна политика.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Пукање во Белград, повреденото момче не и кажува на полицијата кој го нападнал

Вработена во српското МВР издавала фалсификувани пасоши

Земјотрес во Крагуевац: „Добро се стресе“

Русите спречиле терористички напад: ФСБ уапси три лица

(ВИДЕО) Нова драма во Русија: Евакуиран трговски центар по дојава за експлозивна направа

Катерина Ѓуровски

ВИДЕО: 25 години од НАТО нападот на Србија

Катерина Ѓуровски