Путин: „Турски тек“ доцни поради Бугарија

Од:

Рускиот претседател Владимир Путин ја обвини Бугарија дека изградбата на гасоводот „Турски тек“ доцни поради неа.

Од друга страна, пак, бугарски енергетски експерти истакнаа дека руската компанија ја забавува изградбата на гасоводот на бугарска територија, а некои од нив ја доведуваат во прашање профитабилноста на проектот за Бугарија, објави БГНЕС.

– Бугарија ја забавува реализацијата на продолжувањето на „Турски тек“ на своја територија. Доколку Бугарија не сака, тогаш Русија ќе најде други можности за реализирање на гасоводот, нагласи Путин.

Бугарското Министерство за енергетика соопшти дека нема коментар на изјавата на рускиот претседател.

Според бугарскиот експерт за енергетика Атанас Тасев, „рускиот претседател е лошо информиран од своите советници во врска со проектот „Турски тек“.

– Да, всушност има доцнење, но главната причина е заради рускиот учесник, кој го оспорува конкурсот за изградба на гасоводот на бугарска територија. Поради тоа ние треба да ја префрлиме топката на Русија и да аргументираме дека за доцнењето не е виновна бугарската влада, објасни професорот Тасев.

Негова препорака е премиерот Бојко Борисов писмено да се обрати до рускиот претседател Владимир Путин и да ја расчисти таа работа. Тасев додаде дека Бугарија ги почитува роковите и дневно се градат по четири-пет километри, што за 100 дена е околу 400 километри. Крајниот рок за завршување на гасоводот до бугарско-српската граница е јуни следната година.

Експертот Христо Казанџиев, пак, не гледа никаков проблем во изјавата на Путин и смета дека не треба да му се посветува толкаво внимание или дека тоа претставува проблем за земјата.

– Сметам дека целосно проектот е апсолутно безначаен и носи непотребна загуба на финансиски средства за Бугарија, потенцира Казанџиев.

Проектот „Турски тек“ предвидува изградба на гасовод со два дела, секој со капацитет од по 15,75 милијарди кубни метри гас. Тој ќе ги поврзе Русија и Турција по дното на Црно Море. Проектот започна кон крајот на 2014 година, откако „Јужен поток“, кој требаше да излегува во Бугарија, беше запрен бидејќи не ги исполни европските барања содржани во Третиот енергетски пакет.

Првиот дел од „Турски тек“ ќе ја снабдува Турција со руското „сино гориво“. Откако ќе се изгради, Москва повеќе нема да ја користи рутата преку Украина и Бугарија, туку директно ќе ја снабдува Турција со гас.

Вториот дел е наменет за земјите од Балканот и од Централна Европа. Се очекува дека тој ќе минува преку територијата на Бугарија кон Србија и Унгарија. Така, Бугарија барем делумно ќе може да го надомести транзитот што ќе го загуби за Турција.

Би можело да ве интересира

Додик отпатува за Русија

Полска е подготвена да распореди нуклеарно оружје на НАТО на своја територија

Загинаа двајца полицајци во напад во Русија

(ВИДЕО) Тројца загинати во голем пожар во фабрика во Русија

Горан Наумовски

Русите бесни поради одлуката на САД за нова помош за Украина: „Ова ќе заврши со понижување“

Орце Костов

Почина еден од пилотите на рускиот воен авион кој се урна во Ставропол

Горан Наумовски