Преговарачките тимови на Белград и Приштина ќе ги продолжат денеска разговорите за примена на Бриселската спогодба.
Тимовите вчера не постигнаа договор за примена на спогодбата, но денеска претпладне ќе ги продолжат разговорите, изјави шефот на белградскиот тим Марко Ѓуриќ.
– Сега е важно Приштина да го покаже оној вид на разумност и конструктивност, која е неопходна спогодбата да заживее, а ние од претставниците на Европската комисија, со кои разговаравме не слушнавме нити една сериозна забелешка на големиот број аргументи, кои ги изнесе нашата страна, изјави синоќа Ѓуриќ, кој е советник на претседателот на Србија, Томислав Николиќ, по повеќе од четири часа дијалог во зградата на Европската служба за надворешни работи во Брисел.
За време на вчерашната рунда разговори немало директна средба меѓу двата тима, туку со нив одвоено разговарал Фернандо Џентилини, директор за проширување во ЕК.
Ова е втор состанок на тимовите, откако претседателот на Владата на Србија, Ивица Дачиќ и премиерот на Косово Хашим Тачи ја парафираа спогодбата на 19 март.
Белградскиот тим, како и минатиот пат го предводи Ѓуриќ, а приштинскиот заменик-премиерот Хајредин Кучи.