Поранешен косовски министер осуден на две години затвор за ширење национална омраза

Од:

Основниот суд во Приштина го прогласи денеска поранешниот министер за администрација и локална самоуправа на Косово Иван Тодосијевиќ за виновен за „поттикнување национална, расзна, верска или етничка омраза, раздор и нетрпеливост“ и го казни со затвор во времетраење од две години.

Како што јави дописникот на МИА од Приштина, повод за подигнување на обвинението беше негирањето од страна на Тодосијевиќ на хуманитарната катастрофа и масакрот во селото Рачак, кога по повод 20-годишнината од бомбардирањето на НАТО на Србија, изјави:

„Повод за агресијата на нашата земја беше таканаречената хуманитарна катастрофа на просторот на Косово и Метохија, измислениот Рачак, а токму тие шиптарски терористи кои сето тоа го измислија чинеа најголеми злосторства на Косово и Метохија, за кои до ден денес никој не одговарал. Чинеа злосторства пред НАТО-агресијата, убиваа добри српски домаќини на своите работни места. Својот крвав пир го продолжија и во текот на агресијата и по доаѓањето на таканаречената мировна мисија на Косово и Метохија“.

Поради оваа изјава, косовскиот премиер Рамуш Харадинај во април годинава го разреши Тодосијевиќ од функцијата, а нешто подоцна беше подигнато и обвинение за споменатото кривично дело.

Судијата Муса Конџели, кој ја изрече пресудата, рече дека казната затвор ќе се изврши откако пресудата ќе стане правосилна и најави дека нејзиното образложение ќе го достави до страните во законски предвидениот рок во писмена форма.

Адвокатот на Тодосијевиќ, Небојша Влајиќ во изјава за порталот на српски јазик „Косово Онлајн“ ја оцени пресудата како „скандалозна“ и најави жалба.

– Пресудата е скандалозна. Таква казна за вербален деликт не постои дури ни во стара Југославија и тоа кажува каква е состојбата и човековите права и слободи во Косово, нарочито за малцинствата, изјави Влајиќ.

Би можело да ве интересира

Македонија ќе поддржи резолуција за геноцид во Сребреница

Орце Костов

Германија испраќа дополнителни војници во Косово

Горан Наумовски

Уапсен Србин на Косово: Обвинет е за воени злосторства

Горан Наумовски

23-годишна Украинка пронајдена мртва на автопатот „Арбен Џафери“ во Косово

Катерина Ѓуровски

Вучиќ за Косово: На сите во лице им кажав што нема да исполниме од Охридскиот договор

Горан Наумовски

Косово одбележува 16 години од независноста

А1он