Османи: Присуството на српска војска во Косово заврши во 1999 година

Од:

Претседателката на Косово, Вјоса Османи во нејзиното годишно обраќање пред пратениците во републичкото Собрание оцени дека годината која истекува беше „година на предизвици и вонредни околности“, јави дописникот на МИА од Приштина.

Осврнувајќи се на состојбите во косовскиот север, населен со мнозинско српско наеление, Османи рече дека тамошната напната ситуација е последица на дејствувањето на криминални банди финансирани од српската држава, на кои им порача дека ќе соочат со правдата.

Дејствијата на тие банди на косовскиот север, рече Османи, се потврда за територијалните претензии на Србија кон Косово.

– Косовскиот север и натаму е предизвик поради територијалните претензии кои Србија ги има кон Косово, а кои ги изразува преку финансирањето и поддршката на криминалните структури. Криминалните банди не ќе можат да ја надвладеат желбата на граѓаните да живеат слободно во нивната татковина. На бандите не им се допаѓа спроведувањето на законот во земјата, ниту пак бескомпромисната борба против криминалот и корупцијата. Тие ќе се соочат со правдата поради заплашувањето на граѓаните, рече Османи.

Според косовската претседателка, претензиите на претседателот на Србија, Александар Вучиќ за испраќање српски војници во Косово, претставуваат хегемонистички идеи. Меѓутоа, нагласи таа, „присуството на српска војска во Косово заврши во 1999 година“.

– Сите сме сведоци на постојаните закани од Србија кон Косово. Ова заканување се открива преку хегемонистичката идеја за испраќање српски воени трупи во Косово. Меѓутоа, претседателот на Србија, Александар Вучиќ многу добро знае дека присуството на српска војска во Косово заврши во 1999 година, рече Османи.

Таа порача дека „Србија треба јасно да сфати дека Косово е и засекогаш ќе остане држава“, а дијалогот меѓу Приштина и Белград треба да заврши со меѓусебно признавање.

– Независноста на нашата држава е изградена со крв и државните темели се поцврсти одошто може да помисли некој. Безбедносните сили на Косово не прават горди. Нашата стратешка ориентација не може да биде појасна: Целта ни е НАТО. Во 2022 година инвестиравме во проширувањето на односите со држави и организации. Нашата надворешна политика е целосно во служба на нашата држава, изјави Османи.

Две од трите опозициски парламентарни партии, Демократската партија на Косово и Алијансата за иднината на Косово, го бојкотираа обраќањето на Османи во Собранието, со образложение дека е „неуспешна во водењето на државата“ и предизвикува раздор во општеството.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Македонија ќе поддржи резолуција за геноцид во Сребреница

Орце Костов

Османи: Србија не може да биде дел од НАТО

Горан Наумовски

Германија испраќа дополнителни војници во Косово

Горан Наумовски

Уапсен Србин на Косово: Обвинет е за воени злосторства

Горан Наумовски

23-годишна Украинка пронајдена мртва на автопатот „Арбен Џафери“ во Косово

Катерина Ѓуровски

Вучиќ за Косово: На сите во лице им кажав што нема да исполниме од Охридскиот договор

Горан Наумовски