Општинските советници од северно Косово побараа референдум во Србија за судбината на Косово

Од:

Општинските советници од четирите српски општини во северно Косово денеска побараа да се свика референдум во Србија на кој граѓаните ќе избираат меѓу останувањето на Косово во составот на Србија или за прифаќање на условите за почнување преговори за членство во Европската унија, пренесе Танјуг.

Претседателката на општинскиот совет во Косовска Митровица, Ксенија Божовиќ, ја прочита декларацијата во која се истакнува дека легитимно избраните претставници на народот ја потврдуваат волјата на граѓаните да не ги прифаќаат институциите на Приштина, изразена на референдумот во февруари минатата година, и решително соопштуваат дека остануваат во составот на Србија.

Српскиот народ и граѓаните на Република Србија се единствените носители на суверенитетот и никој нема право против нивната волја да потпишува спогодба и други документи за воспоставување на власта на непризнатата држава Косово на дел од територијата на Република Србија, се наведува во декларацијата, што едногласно беше поддржана од општинските советници.

Поранешната српска област Косово во 2008 година прогласи независност. Србите во северно Косово одбиваат да ја признаат власта на косовските институции и се сметаат за дел од српската држава.

Се очекува премиерите на Србија и Косово Ивица Дачиќ и Хашим Тачи денеска во Брисел да потпишат спогодба за нормализирање на односите меѓу Белград и Приштина.

Преговорите се водат со посредништво на Европската унија и од нив зависи дали Србија ќе добие датум за почеток на преговорите за членство во Унијата.

Би можело да ве интересира

Нов пограничен инцидент помеѓу Косово и Србија

Османи: Гледаме многу загриженост кај Албанците во Македонија во однос на правата стекнати со Охридскиот договор

УЕФА донесе одлука за прекинатиот натпревар меѓу Романија и Косово

Курти: Косово и Македонија немаат несогласувања, ние сме соседи, пријатели и партнери

Катерина Ѓуровски

Мицкоски пристигна во Косово, во тек меѓувладината седница

Катерина Ѓуровски

Заедничка седница на владите на Северна Македонија и на Косово во Приштина