Оливер Вархелји сака решение за Белград и Приштина во текот на 2020-та

Од:

Кандидатот за комесар за проширување и соседска политика, Оливер Вархелји, на денешниот распит пред европратениците изјави дека еден од неговите приоритети, доколку биде потврден на оваа функција, ќе биде успешно заклучување на дијалогот помеѓу Белград и Приштина во текот на наредната година.

-Како комесар ќе ги поддржувам сите напори за решавање на билатералните спорови и ќе работам заедно со високиот претставник за надворешна политика, Жозеп Борел да го доведеме дијалогот помеѓу Србија и Косово до успех во текот на 2020-та, рече Вархелји.

Тој истакна дека друг негов приоритет ќе биде ослободување од визниот режим за косовските граѓани, кои се моментално единствените граѓани во регионот кои не можат слободно да патуваат во Европската Унија за туристички цели.

-Слободниот визен режим за Косово е блокиран во Советот и е поврзан со дијалогот помеѓу Србија и Косово, јас гледам историска прилика да постигнеме историски договор, се надевам оваа година, ако се случи тоа, тогаш либерализацијата на визниот режим ќе се реши, ние мораме да го олесниме слободното патување за косовскиот народ, изјави кандидатот за комесар.

Вархелји во текот на својот петгодишен мандат, доколку биде потврден од Европскиот Парламент, смета дека Европската Унија мора да ги остави отворени вратите за членство за земјите од западнобалканскиот регион, цел за која отворено се заложи и избраната претседателка, Урсула фон дер Лајн.

-Иако имавме мала пречка на октомврискиот Совет, никој не ја доведе во прашања силната заложба на ЕИ за членство на Западниот Балкан, перспективата останува непроменета, и ќе се бориме до крај. Треба да имаме предвид дека треба да се слушнат преокупациите на земјите, јас сакам и можам да работа со земјите членки кои се загрижени и ќе се посветам на тоа да одговорам на нивната загриженост, рече Вархелји, истакнувајќи дека клучна преокупација за овие земји е владеењето на правото и независноста на судството.

-Нашата задача е да ги исполниме нашите ветувања, членството во ЕУ да стане реалност, еден од најголемите предизвици е да се пополни јазот во економскиот развој помеѓу нас и нив, рече кандидатот.

Тој смета и дека економскиот просперитет не функционира без функционална правна држава.

За него еден од најголемите предизвици со кои се соочуваат земјите од регионот и одливот на мозоци.

-Четириесет отсто од населението на Западниот Балкан го напушти регионот, а тоа се младите и професионалците кои можат да ја помогнат економијата, најдобриот начин да се спречи одливот на мозоци е да се создаде силна локална економија, но недостига инфраструктура, странски директни инвестиции, конкурентно образование, затоа Европската Комисија веќе се посветува на промоција на високото образование и стручната обука, рече кандидат за комесар.

Европратениците за време на сослушувањето поставија бројни прашања и барања дека тој ќе биде целосно независен од владата која го номинираше и нејзиниот премиер, Виктор Орбан.

-Јас не следам национална линија, ниту унгарска, ниту било која друга национална линија, мојата задача е да ја следам европската линија, тоа го правев четири години како службеник во Европската Комисија, каде имаа доволно доверба во мене за да водам сензитивни и политизирани дискусии, рече Вархелји алудирајќи на неговите четири години како шеф на единица во генералниот директорат за внатрешен пазар на Европската Комисија, од 2008 до 2011-та.

Запрашан од европратеничка на Зелените дали смета дека денеска земја во која има репресија врз опозицијата, контрола врз медиумите, пензионирање на судии пред време, ограничување на академските слободи би можела да стане земја членка на ЕУ, Вархелји одговори:

-Ако било која од земјите членки биде во таква позиција, секако дека нема да добијам поддршка од земјите членки за да се дозволи таа земја да стане членка на ЕУ, мојата работа ќе се заснова врз работата на мојот претходник, порача Оливер Вархелји.

Би можело да ве интересира

Даут Харадинај: Обвиненијата се напад на слободата на Косово

Ана Ололовска

Интелектуалци најавија формирање на „Собрание на слободна Србија“

А1он

Србија: Рекордни 170 пациенти со Ковид-19 на респиратор, денес 344 новозаразени

А1он

Вучиќ ги почна консултациите за формирање влада

Ана Ололовска

Кон: Здравствениот систем е под тензија

Ана Ололовска

Десет пратеници во косовското Собрание заразени со коронавирус

А1он