Околу 500 државјани на Босна и Херцеговина се наоѓаат во бегалски или заробенички кампови во Сирија и Ирак, каде чекаат на можна депортација во земјата каде се родени, објави денеска „Дневни аваз“.
Повикувајќи се на неименувани извори блиски до Владата, Аваз пишува дека станува збор за луѓе кои се поврзани со терористичката „Исламска држава“, а откако таа е разбиена, тие се заробеници на силите за противтерористичка коалиција, предводени од САД. Властите во БиХ се уште немаат прецизни податоци за тоа колку државјани на таа земја се заробени по поразот на ИД, но досега се калкулираше со бројка до 300. Но нивната бројка се зголеми, откако властите добиле податоци за лица со потекло од БиХ, кои во Сирија или Ирак отишле од други држави, каде живееле.
„Аваз“ пишува дека стотици борци со пасоши на БиХ заминале во редовите на ИД од Австрија, Белгија, Швајцарија, Шведска и Германија. Покрај мажите, кои се бореле за целите на ИД и кои биле заробени, на враќање во БиХ чекаат и стотици нивни сопруги и деца, како и вдовици на поранешни борци.