Детали за ликвидацијата во Белград: убиецот наместил сообраќајка, па пред сведоци истрелал седум куршуми во жртвата

Од:

Дел од српските медиуми објавија детали за тоа како е извршено вчерашното убиство во Белград, во кое жртвата е Драган Ристиќ, сосопственик на ресторанот „Храм“ и човек кој имал врски со српското подземје.

Според „Политика“, која цитира извор од истрагата, Ристиќ бил убиен околу 8 часот вчераутро, недалеку од својот дом во белградската населба Калуѓерица, кога засега непознат напаѓач, користејќи пиштол со придушувач, испукал најмалку шест куршуми во главата на жртвата.

Убиецот, по кој полицијата интензивно трага, побегнал со автомобил кој подоцна е пронајден запален неколку километри подалеку, во дел од населбата Миријево кој се нарекува „шоферски рај“.

Според изворот од полицијата, начинот на кој е извршено убиството сугерира дека се работи за професионална ликвидација, која била однапред и добро смислена.

„Убиениот Драган Ристиќ се наоѓал во својот автомобил, кога друго возило, со кое управувал убиецот, го удрило одзади. Револтиран, Ристиќ излегол од колата за да се пресмета со другиот возач. Речиси во исто време се слушнале истрели. Според податоците кои ги собравме досега, напаѓачот испукал најмалку шест куршуми во главата на убиениот, а потоа и уште еден во грбот,“ вели изворот на „Политика“.

Според неговите зборови, во изгорениот автомобил на убиецот се пронајдени пиштолот и придушувачот кој се верува дека се користени во извршувањето на убиството, како и регистарски таблички кои не биле од тоа возило.

Убиениот Драган Ристиќ, според неофицијалните информации, повеќе од една деценија бил сопственик на ресторанот „Храм,“ кој навечер работел како дискотека. Според жителите на Калуѓерица, во локалот чести гости биле познати лица од српската естрада и политика.

„Уште е рано да се зборува за можните мотиви за оваа ликвидација, но факт е дека Драган Ристиќ од порано ѝ е познат на полицијата по извршувањето на повеќе кривични дела, од кои повеќето ги сторил во 90-те години,“ вели изворото од српската полиција.

Според сè уште непотврдените информации, убиениот Ристиќ бил кум на Жељко Рутовиќ, кој се појавува во култниот документарен филм на Б-92 за српското подземје од 90-тите, „Видимо се у читуљи“ („Се гледаме во некрологот“). Рутовиќ минатата година беше осуден на четири години и четири месеци затвор за пукањето на бизнисменот Предраг Ранковиќ Пецони, кој меѓу другото е и сопственик на телевизијата „Хепи“.

Според полицијата, на бруталната ликвидација посведочиле две жени од Калуѓерица, од кои е добиен прецизен опис на убиецот, кој е главната трага на полицијата во потерата по него.

Би можело да ве интересира

Земјотрес кај Чачак

Австриските власти го екстрадираат во Србија осомничениот за убиството на Нусрет Дестановиќ

Доживотен затвор за свирепиот убиец од Кочани кој со 40 убоди уби жена

Анита Петровска Рајковиќ

Вучиќ: Недозволиво, ќе го гониме напаѓачите на хрватските новинари

Во Панчево нападнати четворица Хрвати и двајца Срби кои ги бранеле

Катерина Ѓуровски

Османи: Македонија е коспонзор на Резолуцијата за Сребреница, важно е Србија да гласа дека имало геноцид

Орце Костов