Објавена редигирана верзија на одлуката за потврдување на обвинението против Хашим Тачи и останатите обвинети

Од:

Специјалниот суд за злосторства на поранешни припадници на ОВК во Хаг објави редигирана верзија на одлуката со која се потврдува обвинението против четворица поранешни команданти на Ослободителната војска на Косово (ОВК), пренесува БИРН.

ССК (чие полно име е Специјализирани совети и Специјализирано обвинителство на Косово) објави редигирана верзија на одлуката со која се потврдува обвинението против поранешниот косовски претседател Хашим Тачи и уште тројца поранешни припадници на ОВК за злосторства против човештвото и воени злосторства извршени за време на војната 1998-1999. години.

Според документот, кој има повеќе од 200 страници, одлуката за потврдување на обвинението е донесена на 16 октомври од страна на судијата за претходна постапка, Николас Гију.

Тачи поднесе оставка на функцијата претседател на почетокот на ноември. Тој се изјасни дека не е виновен по сите точки на обвинението, а исто се изјаснија и Кадри Весели, лидер на опозициската Демократска партија на Косово и уште двајца поранешни членови на ОВК, сегашните политичари Јакуп Красниќи и Реџеп Селими.

Во обвинението се наведува дека тие биле дел од „здружен злосторничко потфат“, одговорен за воени злосторства и злосторствата против човештвото извршени најмалку од март 1998 година до септември 1999 година и дека тие биле одговорни за близу 100 убиства.

Целта, според обвинението, била да се преземе контролата врз Косово, користејќи средства што вклучуваат „незаконско заплашување, малтретирање, насилство и отстранување на оние што се сметаат за противници“.

Како високи припадници на ОВК, тие ја имале „одговорноста на претпоставени“, се додава во обвинението.

Во обвинението се наведува дека доказниот материјал покажува дека насилства и малтретирање се случиле на повеќе од 30 локации, од кои некои вклучија неколку притвори, во најмалку 16 косовски општини и во два града во северна Албанија.

Актите на насилство и малтретирање биле организирани според утврден образец, а обвинетите лично, со изјави и публикации, постојано повикувале на насилство против противниците, што, како што се наведува во одлука, укажува на „насилство оркестрирано од врвот“.

„Голем број и разни категории на луѓе покажуваат дека нападот бил насочен кон значителен сегмент од цивилното население на Косово“, заклучи судијата во одлуката што беше објавена со редигирани делови и има 236 страници.

Главниот обвинител Џек Смит првото предлог обвинение го поднесе на 24 април, а второто, ревидирано, на 24 јули. Судијата Гију од т.н. Специјален суд за злосторства на поранешни припадници на ОВК во Хаг го потврди обвинението на 26 октомври.

Во средината на ноември, Специјализираното обвинителство на Косово (СОК) објави документи во кои се наведува дека Тачи и другите се обиделе да влијаат на потенцијалните сведоци дури и пред да бидат потврдени нивните обвиненија претходно овој месец.

На крајот на ноември, СОК испрати барање до судијата на претходна постапка да не го одложува почетокот на судењето за 2022 година, како што побара одбраната за време на статусната конференција на 18 ноември.

Во Хаг се и водачите на Здружението на воени ветерани на ОВК, Хисни Гуцати и Насим Харадинај, кои беа уапсени на крајот на септември од страна на ССК со асистенција на полицијата на ЕУЛЕКС, поради наводно попречување на правдата. Тие ја чекаат одлуката на судијата по барањето за потврдување на нивното обвинение. Според зборовите на адвокатот на Здружението, Томе Гаши, ССК веќе поднесе обвинение против Гуцати и Харадинај, посочува БИРН.

Тачи му се предаде на судот на 5 ноември во Косово, заедно со Весели и Селими, а истата вечер беше ставен во притвор во Шевенинген.

Специјалниот суд е „хибридна“ институција – тој е дел од косовскиот судски систем, но е со седиште во Холандија и вработува меѓународен персонал. Лоциран е во странство поради неуспехот поранешните припадници на ОВК да бидат процесирани во Косово, но и за да се спречат проблеми со заплашување на сведоците.

Косовските пратеници гласаа за формирање на Специјалниот суд во 2015 година, под силен притисок на САД и на ЕУ. Најголемите политички партии во Косово, според наодите на БИРН, не го поддржуваат барањето на ветераните на ОВК за укинување на судот, дури и ако се согласни дека судот е пристрасен.

Идејата за формирање на „хибриден“ суд, како дел од косовскиот судски систем, но со седиште во Холандија, во обид да се обезбеди негова независност и да се заштитат сведоците, дојде по објавувањето на извештајот на специјалниот известувач на Советот на Европа, Дик Марти, за злосторствата наводно извршени од припадниците на ОВК, во 2010 година. Во извештајот на Марти се наведува дека Тачи, кој, за време на војната, беше политички водач на ОВК, бил вклучен во криминални активности, што Тачи категорично го негираше. За наводите од извештајот, од 2012 до 2014 година, беше спроведена истрага, која ја водеше Специјален работен тим на Европската унија, кој заклучи дека има доволно докази за гонење на кривични дела, како што се убиство, киднапирање, незаконско притворање и сексуално насилство.

Би можело да ве интересира

Германија испраќа дополнителни војници во Косово

Горан Наумовски

Уапсен Србин на Косово: Обвинет е за воени злосторства

Горан Наумовски

23-годишна Украинка пронајдена мртва на автопатот „Арбен Џафери“ во Косово

Катерина Ѓуровски

Вучиќ за Косово: На сите во лице им кажав што нема да исполниме од Охридскиот договор

Горан Наумовски

Косово одбележува 16 години од независноста

А1он

Во Брезовица загина поранешната скијачка Кетрин Ригби

Горан Наумовски