Нова регионална мрежа за дигитално јавно здравство СЗО Европа – Западен Балкан

Од:

Јакнење на регионалната соработка во насока на дигитална трансформација на здравствените системи на Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија, Србија и Косово има за цел новата суб-регионална мрежа за дигитално јавно здравство СЗО Европа – Западен Балкан, што беше најавена денеска во рамки на Дигиталниот самит на Западен Балкан во Подгорица.

Лансирањето на регионална мрежа за дигитално јавно здравство на Западен Балкан, појасни лидерот за е-здравство и иновации при канцеларијата на СЗО Европа, Клејтон Хамилтон, е тесно поврзана со здравствениот патоказ за Западен Балкан 2021-2025, кој што има за цел идентификување на чекори за забрзување на процесот на дигитализацијата на националните здравствени системи и развој на еднакви дигитални здравствени сервиси во Западен Балкан, со фокус на системот на јавно здравство.

– Сега, секоја од шестте економии на Западен Балкан ќе биде поканета да номинира, официјални претставници на оваа мрежа. Тоа, би требало да бидат лица од министерството за здравство и од министерството за информатичко општество. Мрежата ќе одржи средба до крајот на годината за идентификување на приоритетните акции за работа и како точно би можеле да се надоврземе на поголемите цели на јавното здравје, појасни Хамилтон, во изјава за МИА.

До средината на 2022 година, посочи Хамилтон, би сакале да имаме првичен извештај со конкретни акции што може да се направат, за остварување на идентификуваните приоритети од патоказот.

– СЗО ќе има улога на секретаријат, односно тело за фасилитирање на процесот, што ќе ги собере заедно земјите, ќе ги презентира податоците кои веќе ги имаме, ќе ги идентификува деловите за кои нема доволно податоци, за на некој начин разбереме кои се основните приоритети на кои групата би сакала да работи, изјави Хамилтон.

Шефицата на Одделот за европски референтни мрежи и дигитално здравје при Европската комисија, Јоана Марија Глигор, посочи дека особено важен елемент е усогласувањето на законодавството на земјите кандидати со ЕУ – акито.

– Како поранешен член на романскиот преговарачки тим од 2001 до 2007 година, сметам дека една од најдлабоките промени на општеството, беше преку носењето на ЕУ легислативата и верувам дека ова усогласување ќе овозможи јасна трансформација на нивото на стандардите, интероперабилноста и дигитализацијата на земјите од Западен Балкан, изјави Марија Глигор.

Патоказот за здравје и благосостојба на Западен Балкан (2021-2025) ги опфаќа: Република Албанија, Босна и Херцеговина (Федерација на Босна и Херцеговина и Република Српска), Црна Гора, Република Северна Македонија, Република Србија и Косово и предвидува нивно заедничко движење во следните пет години кон:

– Продолжување на растот на просечниот животен век во регионот, кој се зголеми од 74,5 години во 2010 година на 76,1 години во 2019 година, но кој останува под просекот на ЕУ за 2019 година од 81 година;

– Борба против смртноста што се должи на незаразните болести во регионот, што е значително повисоко во Западен Балкан отколку во ЕУ. Во 2019 година, просечната смртност поврзана со незаразни болести претставува 94,64 отсто од целата смртност во ЗБ наспроти 89,92 проценти од целата смртност во ЕУ;

– Намалување на смртноста кај новороденчињата, смртноста под пет години и смртноста кај мајките, кои сега во просек се за 71%, 34% и 40% поголеми во ЕУ во споредба со ЕУ;

– Проширување на пристапот до универзално здравствено покривање и намалување на финансиските тешкотии поврзани со здравствените услуги во регионот. Во преосек процентот на здравствени расходи покриени со плаќање од џеб е 80 проценти повисок во ЗБ отколку во ЕУ;

– Зајакнување на човечките ресурси за капацитетите на здравствените системи, и во границите и преку границите. Моментално, има 139 помалку болнички кревети и 110 помалку лекари на 100.000 население во ЗБ отколку во ЕУ;

– Намалување на смртноста што се должи на загадувањето и амбиентниот воздух, што во повеќето земји/област на ЗБ е двојно поголем на 100.000 жители од просекот за европскиот регион на СЗО.

Би можело да ве интересира

СЗО: Омикрон е регистриран во 38 земји, засега нема смртни случаи

А1он

Главната научничка на СЗО вели дека нема потреба од паника поради појавата на омикрон

А1он

СЗО: Омикрон може да ја влоши ситуацијата во Европа

А1он

Портпаролот на СЗО ги пофали компаниите што подготвуваат нова вакцина

А1он

СЗО: Постојните вакцини треба да не штитат од потешки симптоми на заразата со омикрон

А1он

Британскиот премиер Џонсон го назначи Стјуарт Пич за специјален претставник за Западен Балкан

Ана Ололовска