Седум лица загинаа синоќа во реонот на Белград, при уривање на хеликоптер на Војската на Србија, кој превезувал бебе старо пет дена од Нови Пазар кон белградскиот аеродром „Никола Тесла“, соопшти денеска српското Министерство за одбрана.
Меѓу загинатите се четворица припадници на српското Воено водухопловство – Омер Мехиќ, Милован Ѓукановиќ, Небојша Трајиќ и Иван Миладиновиќ, двајца цивили – лекарот Џевад Љајиќ и анестезиологот Мирослав Веселиновиќ и бебето на семејството Адемовиќ.
Поради несреќата Владата на Србија го прогласи 15 март за Ден на жалост.
Како што јави Танјуг, хеликоптерот од типот Ми-17 требало да го пренесе тешко болното бебе до Белград за да биде хоспитализирано на Институтот за мајка и дете.
Според Б92, поради лошите временски услови и маглата, хеликоптерот синоќа околку 22 часот не успеал да слета на аеродромот во Белград. По ова, тој некое време кружел над Белград во обид да најде погодно место за слетување, по што во 22:31 часот исчезнал од радарите.
Портпаролот на српското Минисерство за одбрана, мајор Јово Кривокапиќ изјави дека на местото на уривањето на хелкиоптерот, кое го обезедуваат припадници на Воената полиција, се врши увид и дека до него не им е дозволен пристап на новинарските екипи.
Според Кривокапиќ, се претпоставува дека причина за несреќата се лошите временски услови и маглата.