Не можеме да преговараме со Србија без ЕУ и САД, вели косовскиот премиер Курти

Од:

Косовскиот премиер Албин Курти ја поздрави соработката и координацијата меѓу Европската унија и Соединетите Американски Држави во пресрет на, како што вели, „новиот процес на дијалогот меѓу Косово и Србија“.

Во соопштението на владината служба за информирање по денешната средба на премиерот со специјалниот пратеник на ЕУ за косовско-српскиот дијалог, Мирослав Лајчак и заменикот-помошник државен секретар на САД задолжен за Западен Балкан, Метју Палмер, се вели дека Курти смета оти таа соработка е „добредојдена, затоа што е неопходна“.

– Премиерот Курти ја оцени како значајна средбата и времето во кое таа се случи: во пресрет на средбата во Брисел, најавена за средината на јуни, по неговите средби со опозициските лидери и пред расправата во Собранието за досегашниот процес на дијалогот (со Србија), постигнатите договори и степенот на нивна спроведливост, се вели во соопштението по средбата.

Лајчак и Палмер денеска допатуваа во дводневна официјална посета на Косово. Тие денеска имаа средби и со претседателката на државата, Вјоса Османи, како и со лидерите на двете најголеми опозициски партии во земјата, Љумир Абдиџику од Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) и Енвер Хоџај од Демократската партија на Косово (ПДК).

Според агендата која ја објавија канцеларијата на ЕУ и од амбасадата на САД во Приштина, планирани се средби на словачкиот и американскиот дпломат и со првиот вицепремиер, задолжен за евроинтеграции, развој и дијалог, Бесник Бислими и со втората вицепремиерка и шефица на косовската дипломатија, Доника Грвала, како и со претставници на меѓународната заедница и со шефовите на мисиите на ЕУ во Косово.

Од канцеларијата на ЕУ соопштија дека Лајчак и Палмер ќе информираат за текот и резултатите од посетата преку заеднича прес-конференција, која ќе ја одржат утре претпладне во седиштето на мисијата на ЕУ во Приштина.

Посетата на претставниците на ЕУ и на САД задолжени за Западен Балкан се случува во пресрет на најавеното продолжение на дијалогот за решавање на споровите меѓу Косово и Србија, кое треба да се одржи во текот на месец јуни во Брисел, со средба на косовскиот премиер Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ.

Би можело да ве интересира

Посебен режим на сообраќај денеска и утре во Скопје

САД го повика Курти да ја одложи одлуката за укинување на динарот

Прифатено барањето на Србија, ќе се одржи вонредна седница на Советот за безбедност на ОН

Курти за средбата со Рама и Таравари: Мора да бидеме еден за друг

Нерегистрирано во Македонија, движењето на Курти влезе во коалицијата на Меџити, Касами и Гаши

Курти: Милан Радоичиќ планира нови напади на Косово