Претседателот на Србија и лидер на владејачката Српска напредна партија (СНС), Александар Вучиќ, во неделата вечерта го прогласи за успешен референдумот за уставните измени во судството, велејќи дека од 97 отсто од обработени гласачки ливчиња, 60,48 отсто гласале „за“ измените.
Вучиќ на прес-конференција во седиштето на СНС рече дека 39,52 отсто од гласачите гласале против.
Според извештајот на Републичката изборна комисија во 18 часот, на гласање излегле 25,25 отсто од околу 6,51 милион гласачи, а се проценува дека излезноста достигнала до 33 отсто.
„Србија денеска испрати позитивна слика во светот и верувам дека во наредниот период ќе можеме да направиме повеќе за нашата земја во однос на демократизацијата, независноста на судството и независноста на обвинителите“, рече Вучиќ.
Претседателот на Србија им се заблагодари на граѓаните кои гласаа и „покажаа одговорност да учествуваат во важни процеси“.
Граѓаните одговорија со „да“ или „не“ на прашањето „Дали сте за потврдување на Законот за измена на Уставот на Република Србија“.