Можно е враќање на карантинот во одредени места на Косово, најави премиерот Хоти

Од:

Косовскиот премиер, Авдулах Хоти изјави дека ситуацијата со пандемијата на Ковид-19 во земјата е алармантна и најави дека, поради големиот пораст на бројот на заболени, можно е одредени места повторно да се стават во карантин.

Обраќајќи им се на новинарите по состанокот со Комитетот за справување со пандемијата, Хоти рече дека надлежните власти ја разгледуваат можноста за ставање во карантин на некои од местата каде што последните денови се појавија голем број заразени од коронавирус.

Според косовскиот премиер, ситуацијата е се уште под контрола, но е мошне кревка, поради што се потребни максимални напори од сите надлежни за да се запре моменталниот тренд на ширење на пандемијата.

– Разговараме за карантинирање таму каде што има најмногу случаи. Треба да ги регулираме малку подобро погребните церемонии. Полицијата ќе ги добие сите потребни овластувања, најави Хоти.

Тој рече дека се ставени во функција сите ресурси, а нагласи дека состојбата е посебно тешка во инфективните клиники.

– Имаме 49 смртни случаи. Инфективната клиника (во Приштина) е преполнета и нема веќе места за пациенти. Се создаваат места на други клиники. Мерките се едноставни: носење маски, одржување дистанца и миење на рацето. Обврзани сме да ги почитуваме, порача Хоти, најавувајќи казнување на сите кои не ги почитуваат упаствата и препораките на здравствените власти.

Министерот за здравство Арменд Земај рече дека е ангажиран целиот здравствен потенцијал за менаџирање на ситуацијата.

Според него, третата фаза на постепено отворање на економијата резултира со пораст на случаите на заразени, за што најмногу придонело непочитувањето на мерките од страна на бизнисите.

– Подготвуваме и нова стратегија на тестирања. Ќе се започне со масовни тестирања. Министерството со сиот свој капацитет чини се што е можно за да се вратиме назад со мерки, рече Земај.

Досега во Косово се регистрирани 2.677 случаи на заразени од коронавирус, од кои активни се 1,203.

Би можело да ве интересира

Македонија ќе поддржи резолуција за геноцид во Сребреница

Орце Костов

Германија испраќа дополнителни војници во Косово

Горан Наумовски

Уапсен Србин на Косово: Обвинет е за воени злосторства

Горан Наумовски

23-годишна Украинка пронајдена мртва на автопатот „Арбен Џафери“ во Косово

Катерина Ѓуровски

Вучиќ за Косово: На сите во лице им кажав што нема да исполниме од Охридскиот договор

Горан Наумовски

Косово одбележува 16 години од независноста

А1он