Мицотакис: Нема да има предвремени избори

Од:

Изборите ќе се одржат на крајот од четиригодишниот мандат, но не ме прашувајте за датумот, бидејќи ни јас самиот сè уште немам одлучено кој ќе биде, истакна грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на прес конференцијата за локалните медиуми од западен Пелопонез и уште еднаш ги отфрли сценаријата за предвремени избори во земјата, јави дописничката на МИА од Атина.

Нова демократија дојде на власт во јули 2009 година и иако неколку пати во изминатиот период се споменуваше можноста изборите да се одржат порано, сепак Мицотакис уште еднаш категорично демантираше одговарајќи дека ни токсичната клима во земјата нема да влијае врз неговата одлука.

-Токсичноста не е нешто ново, ако влијаеше, изборите ќе ги објавев многу порано. Сакам да потсетам дека повремено, многумина предвидуваа дека ќе распишам предвремени избори бидејќи гледаа дека анкетите беа многу позитивни за Нова демократија и продолжуваат да се позитивни за Нова демократија. Имам кажано дека сакам да го искористам четиригодишниот мандат и ова е мојата намера, рече Мицотакис.

Во однос на скандалот со прислушувањата, грчкиот премиер повтори дека е „прашањето за безбедноста на комуникациите е многу важно“, потсети дека доставен е предлог-закон за измени во работата на Националната служба за разузнавање, но и дека Грција ќе биде прва европска земја што ќе забрани продажба и употреба на малициозни софтвери, а употребата ќе биде кривично дело.

За натписите во медиумите за употребата на „Предатор“, истакна дека сака да ги разграничи, оние работи што се познати од „разните научно- фантастични сценарија, кои многу методично ги шири од дел од печатот, а кои со голем ентузијазам потоа се прифатени и од опозицијата“.

-Постои големо растојание меѓу препознавањето на постоечки проблем и објавувањето листи без никакви докази и потребата ние да докажуваме дека тоа што некои луѓе го пишуваат не е точно, наместо тие да докажат дека тоа што го тврдат дека е вистина, а на крајот само правдата може да оцени што е точно, рече Мицотакис и додаде дека секој оној кој смета дека има корисни информации што може да ѝ помогнат на истрагата, треба да ги достават до судот.

На новинарско прашање за грчко- турските односи, посочи дека Турција е „непредвидлива, предизвикува тензии, а често е и агресивна“ и додаде дека сакаат искрен дијалог со источниот сосед за единственото прашање што е причина на разликите меѓу двете земји, а тоа е одредување на морските зони во Егејското море и Источниот Медитеран.

-Ниту еден грчки премиер нема да разговара за прашањата за суверенитетот на нашите острови. Ова е нешто што во последно време Турција го споменува во јавниот дијалог. Ниту пак од некого ќе побараме дозвола за програмата за вооружување , кое ја заштитува земјата, но не е на товар на некој друг. Наша должност е да ја зајакнеме националната одбрана. Грција не е ревизионистичка сила, туку е сила на стабилност, мир и соработка во Источниот Медитеран, истакна грчкиот премиер.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Митотакис: Имаме воена состојба во мирнодопски услови

Горан Наумовски

Мицотакис го посети Волос и најави поддршка за погодените подрачја

Грција ќе обучува украински пилоти за Ф-16

Мицотакис: Ќе ги продолжам клучните реформи со забрзано темпо

Горан Наумовски

Грција: Според излезните анкети, Нова демократија на Мицотакис води на изборите

Мицотакис: Грција оди на избори во мај

Орце Костов