Мицотакис ги ограничува негативните последици од Преспа, за властите во земјава Грција ќе го почитува Договорот

Од:

Ограничувањето на негативните последици на Договорот од Преспа е еден од седумте итни приоритети на Владата на новиот грчки премиер Кирјакос Мицотакис во однос на работата на Министерството за надворешни работи.

Без повеќе детали изнесени во јавноста што значи тоа ограничување, вчера на првата владина седница новиот шеф на дипломатијата Никос Дендиас доби коверт, во кој освен овој имаше и шест други приоритети за неговото Министерство, меѓу кои и евроинтеграцијата на Западен Балкан.

Лидерот на Нова демократија, кој победи на предвремените парламентарни избори во Грција, во текот на кампањата отворено говореше против Договорот, означувајќи го како штетен за Грција, дури и даде изјава дека 75 пати ќе ја блокира соседната земја во текот на преговорите со Унијата, но по победата ја потсмири реториката во однос на договореното со Северна Македонија.

Новиот шеф на дипломатијата пред полагањето на свечената заклетва во претседателската палата во Атина завчера не сакаше да коментира прашања од надворешната политика, но заменик- министер за внатрешни работи надлежен за Македонија и Тракија, Теодорос Караоглу го спомена Договорот од Преспа и повторно го актуелизираше ветото.

– Договорот е нешто што, особено нас во Македонија нѐ има повредено многу. Тоа е отворено прашање. Она што го имаме кажано како Нова демократија, а Кирјакос Мицотакис го разјасни, е дека тоа е национално прашање кое што нѐ засега, нѐ интересира и дека ќе го искористиме единственото оружје што го имаме во раце, а ова оружје е интеграцијата на државичката во Европската унија и ветото, за да постигнеме колку можеме повеќе промени во овој национално неприфатлив договор, рече Караоглу.

Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи и главниот технички преговарач со ЕУ Бојан Маричиќ вчера во Владата ги брифираа новинарите дека е утврдена преговарачката структура и оти очекуваат земјата да стартува со преговорите во октомври.

Како меѓудржавен договор со меѓународна гаранција, кој ќе биде почитуван од секоја идна влада во двете земји го оцени вчера Османи Преспанскиот договор, осврнувајќи се на изјавата на грчкиот заменик-министер.

-Не коментирам изјави кои не сум ги слушнал и во кој контекст се пренесени. Можам да се повикам на изјавите на новиот премиер Мицотакис, кој и во текот на кампањата даде изјава со поддршка и на Договорот и на нашето членство во ЕУ и сега со одговорноста што ја носи Владата, таа изјава уште повеќе ќе биде зацврстена, нагласи Османи.

Маричиќ додаде дека изјавата била дадена во контекст на некои работи што треба да се дефинираат а што произлегуваат од Преспанскиот договор.

– Беше споменато дека особено ќе се грижат во оваа смисла за интересот на бизнис заедницата и компаниите во Грција, а нам допрва ни следи работа во рамки на оние коимисии за утврдување на потеклото на производите, трговијата. И за трговските марки и за историските прашања во текстот на договорот од Преспа постојат насоки – во однос на трговските марки насоката е дека ќе се решаваат според европските правила, а историските прашања според членот 7, каде што се дефинира различното поимање на терминот Македонија и на историјата во Грција и кај нас, рече Маричиќ.

Шефот на државата Стево Пендаровски, пак, по смената на власта во Грција не очекува пресврт од грчка страна во однос на Преспанскиот договор, но очекува малку поригиден став во однос на имплементацијата на договореното, особено во делот на трговските ознаки на производите од северниот дел на Грција и од Северна Македонија.

– Не очекуваме опструкција од новата грчка Влада, сега во октомври, кога треба наводно да се донесе конечна одлука за отварање на преговорите, за датум на преговорите. Меѓутоа, се разбира дека очекувам поради нивниот познат политички став од претходно, дека наредниве месеци и години, во рамки на преговорите по различни поглавја, ќе бараат стриктна имплементација на некои одредби од Договорот од Преспа, особено во делот на трговските ознаки, истакна Пендаровски во интервју за Телевизијата N1.

Би можело да ве интересира

Грчки дипломатски извори за АНА-МПА: Договорот од Преспа не може еднострано да се промени

Предраг Петровиќ

Преспанскиот договор оспорен во предизборието, анализира грчки Катимерини

Александар Тодески

Герапетритис: Потребно е доследно, строго и целосно почитување на Договорот од Преспа

Орце Костов

Почна примената на правилата од Преспанскиот, од земјава се излегува само со Северна

Катерина Ѓуровски

Уставниот суд едногласно одлучи да не се поведе постапка за Преспанскиот договор

А1он

Заев: Очекуваме грчката страна да го исполни делот од Преспанскиот договор кој се однесува на патоказите