Лидерот на Движењето за промени и пратеник во црногорскиот парламент Небојша Медојевиќ денеска изјави дека концептот – нова влада во Подгорица да не ја формираат партиите кои победија на изборите е експериментален и истакна дека новите избори се единственото фер решение.
– Нашиот став е прашање на политички интегритет и политички морал, прашање на волјата на нашите гласачи. Само Демократскиот фронт се залага за почитување на демократските политички принципи и почитување на изборите на граѓаните. Не можеме да ја поддржиме коалицијата и договорот со мафијата. Тој режим мора да се урне, а ДПС не може да биде партнер, изјави Медојевиќ на ТВ К1, пренесува РТВ.
Како што рече, Движењето УРА и СНП се под прагот на цензусот во Црна Гора, а Демократскиот фронт е единствената политичка опција која никогаш никого не изневерила или предала.
Извор: МИА