Маж во Хрватска измамил 46 лица, меѓу нив и двегодишно дете

Од:

Полицијата во Хрватска уапси маж, кој е осомничен за повеќе кривични дела и обвинет дека измамил 46 лица за 95.500 евра, меѓу кои и двегодишно дете.

Како што е наведено, полицијата ја заврши кривичната истрага против 37-годишникот поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „Неовластено користење лични податоци“, „Измама“ и „Фалсификување исправа“.

Се сомничи дека уапсениот во периодот од 16 февруари 2023 до 31 мај годинава извршил вкупно 273 кривични дела, од кои 227 на подрачјето на полициската управа во Загреб и 46 кривични дела на подрачјето на уште четири полициски одделенија.

„Штета е направена на 46 лица, од кои 45 мажи на возраст од две до 87 години и една 25-годишна жена и пет правни лица, од кои три мобилни оператори и две банки“, велат од полицијата.

Како што посочуваат, осомничениот се товари дека сторил стотина кривични дела неовластено користење лични податоци, измама и фалсификување исправи, со прибирање лични податоци на 46 лица на неутврден начин и тоа нивните имиња и презимиња, датуми на раѓање, единствени броеви за социјално осигурување и лични карти.

„Постои сомневање дека податоците ги користел за склучување претплатни договори и при издавање банкарски картички на тој начин што приложувал фалсификувани обрасци за исплатени плати и копии од фалсификувани лични карти, покрај тоа што лажно се претставувал како вработен во оштетените правни лица. На овој начин набавил повеќе десетици мобилни уреди и СИМ-картички кои сам ги подигнал во пошти фалсификувајќи ги потписите на оштетените при подигање, или пак му биле доставени со курирска служба на неговата домашна адреса“, додаваат од полицијата.

Тврдат и дека набавил неколку банкарски картички кои во неколку наврати ги злоупотребил на продажни места во Хрватска и во странство.

Во средата, загрепските полицајци пронајдоа мобилни уреди, куќишта за телефони, лаптопи, СИМ-картички, барања за склучување на претплатни договори и фактури со исписи за кои постои сомневање дека потекнуваат од кривични дела во домот и други простории кои ги користел осомничениот.

„Причинетата материјална штета од овие кривични дела изнесува околу 95.500 евра. По завршување на кривичната истрага, осомничениот е во притворот, а кривичната пријава е поднесена до Општинското кривично државно обвинителство“, соопштија од полицијата.

Би можело да ве интересира

Хрватите негодуваат на концертите на Александра Пријовиќ: „Системски план на српскиот свет“

(ВИДЕО) Големо невреме во Хрватска: поројот носеше се пред себе, водата влезе во куќите

Албанка која ги уби братот и сестрата кај Дубровник е осудена на 4 години затвор

Бомба тешка 250 килограми е пронајдена кај Нова Градишка

Измамничка олеснила скопјанец за 11.000 денари ветувајќи му работа во странство

ВИДЕО: Невреме го потопи Сплит