Македонија и Грција до 2015 година речиси и да немале полициска соработка

Од:

Полицијата и правдата како области за соработката, пречките за подлабока и поефективна соработа, практични пример и сето тоа во периодот пред и по потпишаните мерки за градење доверба меѓу Македонија и Грција беа предмет на истражувањето спроведено од грчката фондација за надворешна политика ЕЛИАМЕП и македонската тин тенк “Аналитика”, со финансиска поддршка на Министерството за надворешни работи на Шведска, а презентирано во Атина.

Извештајот има за цел да го истражи текот на соработката меѓу двете земји во конкретните области (полиција и правда) од 1991 до октомври 2018, да презентира подобро разбирање на степенот на билатералните односи и да извлече корисни заклучоци за иднината на овие односи.

До мигрантската криза пред три години и потпишувањето на мерките речиси и да не постоеше полициска соработка меѓу двете земји, е еден од заклучоците во грчкото истражување, кое како сериозен проблем и пречка го споменува фактот што од 90-те години, па се до 2015 Грција никогаш не ратификувала ниту еден од билатерланите протоколи. Ова се однесува и на полициите и на правдата.

Резултатите од истражувањето ги коментираат професорот Јоргос Христидис, доцент по компаративна политика на катедрата за балкански и источни студии на солунскиот Универзитет Македонија од грчка и Магдалена Лембовска истражувач за безбедносни прашања во “Аналитика” од македонска страна.

-Она што мислам дека треба да се истакне е дека мерките за градење доверба во суштина беа политичка мерка која ги создаде оние неопходни политички околности за државните механизми на двете држави да можат да соработуваат во низа прашања од заеднички интерес, вели Христидис и додава дека една таква точка на заеднички интерес, што е многу важна е полициската соработка, особено за две соседни земји кои делат иста граница.

Професорот додава дека ова беше овозможено со мерките за градење доверба, а нивната корисност се покажа со бегалската криза во 2015 која временски се поклопи, малку по потпишувањето на мерките. Но, и додава дека ако не се реши главниот пробем – оној со името, постојано ќе има политичко несогласување и ќе ја попречува работата на полициите.

-Неопходен услов е целосно да се нормализираат политичите односи за соработката во таквите области непречено да оди напред , како што е полициската соработка, вели професорот.

-Резултатите покажаа дека се до 2015 година, до мигрантската криза речиси и да не постоеше полициска соработка. Пред се ние немаме договор за полициска соработка меѓу Македонија и Грција. Тоа е и поради проблемот со името, поради тешките политички односи, односно целата законска рамка ни е Времената спогодба, а после тоа кога имало некои спорадични иницијативи од некоја страна за воспоставување на таа правна рамка немало одговор. Во 1998 е потпишан тој договор за полициска соработка меѓу Македонија и Грција со тоа што од грчка страна истиот не се ратификуваше, вели Магдалена Лембовска истражувач за безбедносни прашања во “Аналитика”.

Според неа, мигрантската криза делувала како еден вид на катализатор на соработката кога се почнаа првите средби на директно ниво, планови, мерки што треба да се преземе и сл.

Во втората анализирана област-правдата, на презентацијата на резултатите во Атина беа споменати двата примери, екстрадицијата на Макис Псомијадис од Македонија во Грција и барањето за екстрадиција на Грујевски и Бошковски од Грција во Македонија.

-Јас бев доста изненадена од колегите од Грција, бидејќи во нивното истражување се покажа дека случајот со Грујевски и Бошковски, случај кој е исклучиво важен за нас, дека во Грција имало само оскудни информации, а грчката јавност не е воопшто запознаена. Не им е јасно зошто овој случај е важен кај нас, коментира Лембовска.

Исражувачката од “Аналитика” која воедно беше и координатор на проектот вели дека иако една од мерките за градење доверба е соработка во правдата, но сепак изоставена е и повеќе фокусот е ставен на полициска соработка, во однос на организиран криминал или размена на информации итн.

-За жал областа правда не е доволно вклучена. Исто така сега и во Преспанскиот договор кога се зборува за промовирање соработка во различни области,повторно тука се зборува за полициска соработка, правдата е повторно изоставена, вели Лембовска.

Истражувањето, што траеше околу шест месеци, беше паралелно спроведено и во Македонија и во Грција. Резултатите за македонската страна “Аналитика” веќе ги презентираше во Скопје.

Ова е втор заеднички проект на ЕЛИАМЕП и “Аналитика”, лани беа фокусирани на прекуграничната соработка во рамкте на ИПА програмите и соработка во областа образование.

Би можело да ве интересира

Тело на мртов маж најдено во Јанина, околу главата и нозете му биле врзани вреќи со ѓубре

Горан Наумовски

Се урна грчки борбен авион, пилотот е спасен

Свештеникот од Солун е осомничен дека ги оштетил верниците за повеќе од еден милион евра

30.000 луѓе на улиците во Грција на годишнината од страшната железничка несреќа, избувна нереди

Герапетритис: Потребно е доследно, строго и целосно почитување на Договорот од Преспа

Орце Костов

Земјотрес во Грција