Лидерите на Западен Балкан утре на самит во Софија

Од:

Лидерите на земјите од Западен Балкан и на ЕУ ќе се состанат утре во Софија на самит во рамките на Берлинскиот процес.

Покрај лидерите, на самитот се очекува да присуствуваат министерот за надворешни работи на ЕУ, Жозеп Борел и еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, а функционерите од Западен Балкан треба да усвојат акциски план за заедничкиот економски пазар, најави Европската комисија.

Во пресрет на утрешниот самит, еврокомесарот Вархеји изјави дека регионалната соработка „не е замена за интеграцијата во ЕУ“, туку „основен дел од процесот што води кон неа“.

Тој додаде дека планот за регионален пазар е „клучен за зголемување на привлечноста и конкурентноста на регионот и приближување на регионот до единствениот пазар на ЕУ“.

– Заеднички регионален пазар исто така ќе даде огромен поттик за поврзување на жителите. Една од неговите амбиции е слободно движење на луѓето. Ова, на пример, ќе им овозможи на луѓето да патуваат само со лични карти, да се укинат работните дозволи и да ја олесни мобилноста на студентите, истражувачите и професорите, вели Вархеји.

Тој потсети дека во октомври Европската комисија го усвои Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан во износ од девет милијарди евра неповратна помош со цел да се поттикне одржлив економски развој и да се намали јазот со ЕУ и дека негувањето на регионалната соработка е централен елемент на тој план.

Во исто време, еврокомесарот порача дека стимулирањето на инвестициите и економскиот раст и обезбедувањето работни места за младите во Западен Балкан се можни само ако владите се цврсто посветени на спроведување на темелни реформи.

– Структурните економски реформи, јакнењето на владеењето на правото и демократските принципи, борбата против корупцијата, подобрувањето на реформите во јавната администрација се клучни за обезбедување на долгорочна безбедност и стабилност во регионот, нагласи Вархеји.

Самитот во Софија се одржува во рамките на Берлинскиот процес и е седми самит во рамките на процесот што започна во 2014 година во Берлин.

Би можело да ве интересира

Усвоена заедничка изјава на лидерите на Западен Балкан на Конференцијата на високо ниво „Раст и конвергенција на Западен Балкан”

Џафери на Конференцијата во Тирана: Планот за раст и Заедничкиот регионален пазар се клучни за забрзано членство во ЕУ

Преку проект на Светската банка ќе се модернизираат и ќе се поврзуваат платните системи на Западен Балкан

О’Брајaн: Граѓаните ќе имаат јасен избор во претстојните месеци, помеѓу визијата за движење кон Европа и нешто сосема друго

Ковачевски: Планот за раст најсериозната политичка потврда од ЕУ за нејзините намери за интеграција на Западен Балкан

О’Брајaн: Никогаш не сте биле поблиску до ЕУ, ајде да ја завршиме практичната работа