Коњуфца во посета на косовските лидери во притворот во Хаг

Од:

Претседателот на Собранието на Косово, Глаук Коњуфца денеска отпатува за Хаг, каде што ќе ги посети поранешните лидери на Ослободителната војска на Косово (ОВК), кои се наоѓаат во притворниот центар на Меѓународниот суд за воени злосторства во Косово во текот и по војната во 1998-99 година, јави дописникот на МИА од Приштина.

Пред заминувањето Коњуфца за агенцијата КосоваПрес изјави дека домашните институции се загрижени поради тоа што се случува со Специјализираните комори за Косово, како што е официјалниот назив на судот, а целта на посетата е да покаже дека тие се заинтересирани за тамошниот процес.

Спикерот на косовското Собрание е првиот државен лидер кој ќе ги посети поранешните челници на ОВК во хашкиот притвор, меѓу кои и двете главни фигури на сега опозициската Демократска партија на Косово (ПДК), поранешниот претседател на државата, Хашим Тачи и поранешниот претседател на Собранието, Кадри Весели.

Коњуфца го критикува нивното задржување во притвор веќе речиси две години без да започне судскиот процес и недозволувањето да се бранат од слобода.

– Поминаа веќе две години од кога тие се притворени, фактички се навршија две години од подигнувањето на првото обвинение во јуни 2020 година, а сé уште не е започнат судскиот процес. Во трермини на судовите и процесите во кои се работи за обвинетите, ова слободно може да се нарече своевидна тенденција за изолирање на лицата, со цел тие да не можат да бидат со своите семејства, да не можат да бидат во нивната земја и да бидат одвоени од нивната јавна дејност која фактички ја имале. Сметам дека ова е многу вознемирувачки и нашите институции поради тоа се загрижени со тамошните случувања, изјави Коњуфца.

Покрај Тачи и Весели, Коњуфца во Хаг ќе се сретне и со двајцата други поранешни основачи на ОВК, поранешниот собраниски спикер, Јакуп Красниќи и поранешниот пратеник и шеф на пратеничката група на сега владејачкото Движење самоопределување, Реџеп Селими.

Пред неколку месеци Судот и приворот во Хаг ги посети и министерката за правда, Албулена Хаџиу, меѓутоа Тачи и Весели одбија да се сретнат со неа.

Четворицата поранешни водачи и основачи на ОВК се наоѓаат во притворот во Хаг од ноември 2020 година, додека судскиот процес се уште не е започнат. Сите тие во претходните судски процедури се изјаснија за невини по однос на обвиненијата за злосторства врз албански, српски и други цивили во војната од 1998-99 година и непосредно по неа.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Германија испраќа дополнителни војници во Косово

Горан Наумовски

Уапсен Србин на Косово: Обвинет е за воени злосторства

Горан Наумовски

23-годишна Украинка пронајдена мртва на автопатот „Арбен Џафери“ во Косово

Катерина Ѓуровски

Вучиќ за Косово: На сите во лице им кажав што нема да исполниме од Охридскиот договор

Горан Наумовски

Косово одбележува 16 години од независноста

А1он

Во Брезовица загина поранешната скијачка Кетрин Ригби

Горан Наумовски