Сараево, 3 октомври 2019 (МИА) – Претседавачот на претседателството на Босна и Херцеговина Жељко Комшиќ го повика рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров да ги испочитува своите претходни ставови за евентуалниот влез на БиХ во НАТО.
Комшиќ истакна дека „никој не се обидува да ја вовлече БиХ во НАТО, туку дека од претходно има одлука на Претседателството на Босна и Херцеговина, за чие почитување се залагаше и самиот Лавров“.
– Пораката на министерот Лавров до Претседателството на БиХ во тоа време беше дека Русија, во принцип, е против проширувањето на НАТО, но дека доколку НАТО е наш избор, Русија ќе ја почитува таквата одлука на институциите на нашата земја, изјави Комшиќ за порталот вијести.ба.
Според него, и денес сè уште постои едногласна одлука од Претседателството на БиХ, која никогаш не била отповикана, повлечена или сменета, дека БиХ сака да биде членка на НАТО.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров вчера изјави дека Вашингтон и одреден број западноевропски земји водат политика за вовлекување на Босна и Херцеговина во НАТО, со што ја прекршуваат релевантната резолуција на Советот за безбедност на ОН.