КФОР предупредува дека нема да дозволи барикади во северно Косово

Од:

Командантот на меѓународната воена мисија во Косово – КФОР, генерал-мајор Ференц Кајари, порача дека доколку Косово и Србија не постигнат договор за реципроцитетот со патните документи и со регистерските таблички, што Косово најави дека ќе го воведе од 1 септември, единиците на КФОР ќе дејствуваат согласно нивниот мандат и нема да дозволат ограничување на слободата на движење на косовскиот север, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во интервју за косовскиот јавен радиодифузен сервис РТК, што ќе се емитува вечерва, Кајари рече дека КФОР нема да дозволи барикади на патиштата од страна на косовските Срби, како што тоа се случи на 31 јули, по што за еден месец беше одложена одлуката на Владата во Приштина за воведување реципроцитет.

Според унгарскиот генерал, Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН му доделува задачи на КФОР во Косово, кои според него се манданти, „да ја зачува средината безбедна и редот во Косово и да ја обезбеди слободата на движење на сите граѓани“.

– Ако се постават барикади, тоа ќе го спречи слободното движење, а тогаш ќе дојдеме до момент во кој КФОР ќе треба да дејствува за да овозможи непречено движење, изјави Кајари.

Тој оцени дека безбедносната состојба во северно Косово, каде што живее мнозинско српско население, е смирена во однос на последните настани и очекува преговорите меѓу Приштина и Белград, кои се во тек, да резултираат со спогодба.

Во интервјуто за РТК Кајари потврди дека КФОР го зголемил своето присуство на косовскиот север, односно на границата со Србија.

– КФОР постави набљудувачки и пунктови за техничка контрола на целиот простор. Исто така, ја зголемивме патролирачката активност во целата област. Овие мерки се преземени за да бидеме во готовност за каков било можен инцидент и за поголема безбедност. Ако има тензии ние ќе дејствуваме согласно нашиот мандат, порача Кајари.

По последната средба во Брисел меѓу косовскиот премиер Албин Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ, на 18 овој месец, беше објавено дека не е постигнат договор околу реципроцитетот. И покрај тоа, шефот на дипломатијата на ЕУ, Жозеп Борел изрази оптимизам и најави дека најверојатно двајцата лидери ќе одржат уште една средба пред 1 септември и дека ќе постигнат договор.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Германија испраќа дополнителни војници во Косово

Горан Наумовски

Уапсен Србин на Косово: Обвинет е за воени злосторства

Горан Наумовски

23-годишна Украинка пронајдена мртва на автопатот „Арбен Џафери“ во Косово

Катерина Ѓуровски

Вучиќ за Косово: На сите во лице им кажав што нема да исполниме од Охридскиот договор

Горан Наумовски

Косово одбележува 16 години од независноста

А1он

Во Брезовица загина поранешната скијачка Кетрин Ригби

Горан Наумовски