Косовската претседателка Атифете Јахјага локалните избори ќе ги закаже на 20 или 27 октовмри годинава и тоа во исто време на целата територија на Косово, се наведува во соопштението од нејзиниот кабинет по средбата со Самуел Жбогар, специјален претставник на ЕУ во Косово.
Како што стои во документот, одлуката за одредување на денот на изборите доаѓа како резултат на почитувањето на договорот од Брисел.
Во центарот на вниманието на средбата меѓуЈахјага и Жбогар биле токму локалните избори, кои според актуелниот закон треба да се одржат најдоцна до 15 декември годинава.
Според договорот постигнат во Брисел меѓу премиерите на Србија и на Косово, Ивица Дачиќ и Хашим Тачи, изборите за четирите општини во северниот дел на Косово, Лепосавиќ, Зубин Поток, Звечан и Северна Митровица, треба да се одржат во октомври.
Јахјага оценила дека одржувањето на локалните избори на целата територија на земјата е најдобра порака за сите граѓани, нагласувајќи при тоа дека за одржување на изборите во четирите општини во северниот дел неопходно е ангажирање и поддршка на ОБСЕ.
Жбогар изјавил дека изборите треба да бидат слободни, фер и демократски, со што помасовно учество на граѓаните и ветил помош и коректно ангажирање од страна на ОБСЕ.