И во земјите од регионот наставата почна со физичко присуство

Од:

Анализите спроведени во однос на училиштата низ светот во услови на пандемија на коронавирусот, покажале дека учебната година треба да започне со физичко присуство, оти онлајн наставата е на штета на учениците. Секако, постојат исклучоци за ученици кои имаат хронични заболувања или имаат болни членови во семејството, кои наставата ќе ја следат онлајн.

Наставата за 190.000 основци и средношколци во Словенија започна во училниците и покрај растечкиот тренд на пандемијата на Ковид-19, а властите велат дека онлајн часови нема да се одржат доколку се следат здравствените мерки и препораки.

– Мораме да сториме се за да ги задржиме училиштата отворени до крај, тоа е важна стратешка цел, им порача претседателот Борут Пахор на учениците и наставниците.

Часовите се одржуваат според моделот Б – во училници со физичко присуство, при што вработените треба да бидат вакцинирани или со прележан Ковид -19.

Во спротивно, наставниците мора да се тестираат еднаш неделно за да докажат дека не се заразени, а доколку одбијат, ќе се соочат со дисциплински мерки, па дури и со отказ.

Маските во училниците се задолжителни.

Во повеќето делови на Србија учениците се вратија на училиште, според моделот на настава кој вклучува часови од 45 минути и комплетни одделенија во училниците, а понатамошниот начин на работа ќе зависи од епидемиолошката состојба во локалните самоуправи, јави дописникот на МИА од Белград.

Според ситемот на боите на семафорот – црвена, жолта и зелена, а врз основа на одлуката на тимот за следење и координирање на спроведувањето на превентивните мерки во работата на училиштата, во првата недела од новата учебна година во сите основни и средни училишта ќе се организира директна настава, освен во 15 општини, каде што ќе се одржи друг модел на настава, со комбинирање на непосредна и настава од далечина, додека одделенијата ќе бидат поделени во групи.

Каде што има директна настава, учениците мора да носат маски кога влегуваат во училиште додека не стигнат до нивните столчиња, но и кога одговараат на час.

– Во нивната клупа, додека разговараат со своите пријатели, носат маски. Во моментот кога започнува часот и детето молчи, може да ја симне маската. Кога ќе одговара или кога сака да разговара со некого, тогаш мора да стави маска. Во моментот кога часот завршува и станува од столот, става маска, изјави епидемиологот Предраг Кон.

На училишен одмор во отворен двор, тие можат да бидат без маска, но да внимаваат да не бидат многу збиени, инаку ќе треба да ги носат.

Ако едното дете е позитивно, оди во карантин и на онлајн часови, додека другите треба да носат маска, ако две деца се позитивни – тогаш целото одделение оди на онлајн настава 10 дена, но не како во претходната учебна година на две недели.

Српскиот министер Бранко Ружиќ изјави дека околу 52 отсто од просветните работници се вакцинирани, што не отстапува од општата популација, но тоа не е доволно.

Учебната година во Романија почнува на 13 септември. Романскиот министер за образование Сорин Кампану ги објави правилата според кои училиштата и градинките ќе работат во новата учебна година.

Кампану појасни дека додека не се достигне инциденцата од шест на 1.000 жители во одредена населба, сите градинки и училишта ќе функционираат со физичко присуство. Откако ќе се помине тој праг, сите ученици, без оглед дали се вакцинирани или не, ќе се префрлат на учење од далечина, со исклучок на специјалните училишта за деца со попреченост.

Доколку има над шест заразени на 1.000 луѓе, работата се прекинува. Сепак, училиштата и градинките ќе останат отворени.

Под специјални протоколи кои важеа и лани, започнаа со работа градинките во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Како што соопшти Министерството за труд и социјални прашања на Грција во чија надлежност се градинките, за невакцинираните вработени задолжително е тестирање секоја седмица, додека пак во случај некој од вработените или децата да појави симптоми на Ковид-19, тогаш нема да биде дозволен влез во градинките.

Доколку постои позитивен случај, тогаш веднаш треба да биде информирана градинката како и Националната организација за јавно здравје и следи темелно чистење на просторот.

Заменик- министерката за труд и социјални прашања Домна Михаилиду истакна дека „безбедноста на децата останува главен приоритет“.

Учебната година за забавиштата, основните и средните училишта во Грција ќе започне редовно на 13 септември, со физичко присуство на учениците, но и со задолжителен документ за Ковид-19, односно сертификат за вакцинација или потврда за прележан Ковид-19 или негативен тест.

За просветните работници задолжителен е сертификат за вакцинација или потврда за прележан Ковид-19 во последните шест месеци или негативен лабораториски тест два пати седмично, што ќе биде на нивни трошок.

За учениците, задолжителен е сертификат за вакцинација, доколку се постари од 12 години или потврда за прележана болест во последните шест месеци или изјава по направен селф тест, задолжителен два пати седмично.

Протоколите под кои ќе работат училиштата и факултетите ќе бидат детално соопштени непосредно пред почетокот на учебната и академската година.

Новата учебна година за сите ученици од основните и средните училишта во Северна Македонија започна со физичко присуство и со посебни здравствени протоколи. Исклучок се средните училишта во Тетово и Гостивар каде наставата ќе се одвива онлајн во првите 14 дена од почетокот на учебната година, а во Кичево и Струга во првите седум дена. По завршувањето на овој период, како што соопшти Владата, ќе бидат донесени нови мерки согласно развојот на ситуацијата.

Според министерката за образование и наука Мила Царовска, наставата со физичко присуство е од голема важност не само поради процесот на учење и социјализација, туку и заради заштита на менталното здравје на учениците.

Би можело да ве интересира

Македонските граѓани ќе влегуваат во Грција под истите услови како и во претходниот период

Србија надмина еден милион заразени од почетокот на пандемијата

Постепено се отвораат Универзитетите во Грција

Луѓето мислат дека имаат стомачен вирус, а всушност се ковид-позитивни тврди српски лекар

Катерина Павлова-Николовска

Три од десет случаи на Ковид-19 во Грција се кај деца од 4 до 18 години

Катерина Павлова-Николовска

Грчката полиција нема да ги апси просветните работници по тужби од родители кои не веруваат во Ковид-19