Партијата ГЕРБ, која беше на власт во Бугарија повеќе од 10 години, ќе го одржи VII Национално собрание.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, ова е највисокиот партиски форум на кој се очекува поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов да биде реизбран за лидер на партијата, бидејќи неговиот четиригодишен мандат истече на 26 ноември минатата година.
Меѓу високите гости се претседателот на ЕПП (Европската народна партија) Манфред Вебер, генералниот секретар на ЕПП Антонио Лопез и хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ.
Се очекува функцијата да ја задржат досегашните потпретседатели Даниел Митов и Томислав Дончев. Освен нив, се очекува да биде реизбрано и целото партиско раководство на ГЕРБ.
Бојко Борисов е претседател на ГЕРБ од 10 јануари 2010 година. Од основањето на партијата на 3 декември 2006 година, кога тој беше градоначалник на Софија, а законот им забрануваше на градоначалниците да имаат свои партии, ГЕРБ беше формално предводена од Цветан Цветанов, а Борисов беше неформален лидер.
Борисов последен пат беше реизбран за лидер на ГЕРБ на 26 ноември 2017 година, едногласно на јавно заседание но затворено за медиумите.
Извор: МИА