Најмалку 10 полицајци во Хрватска се уапсени под сомнеж за корупција, како и повеќе луѓе за давање поткуп на службени лица, јави Танјуг.
Лицата се уапсени во акцијата „Коров“ спроведена од Полициската управа на Дубровачко-неретванска жупанија во соработка со УСКОК на територијата на јужна Хрватска.
Уапсeните се од територијата на Неретва и Дубровник, пренесуваат хрватските медиуми.
– Можам да потврдам дека денеска се уапсени повеќе лица на територијата на Неретва, за кои постои сомнеж за кривични дела во надлежност на УСКОК. Во тек е криминалистичка обработка и не можеме да дадеме дополнителни информации, потврди за порталот Индекс.хр портпаролката на Дубровачко-неретванската полиција Марија Дјенеро.
Акцијата траела повеќе месеци. Корумпираните полицајци се осомничени за пропусти во текот на надзорот на сообраќајот, но и при темелни контроли во погранични делови.