Амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Косово, Џефри Ховениер вели дека косовската независност е неповратен факт и дека нормализацијата на односите меѓу Косово и Србија ќе се случи откако двете држави ќе се признаат меѓу себе, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во синоќешното интервју за косовската јавна радиотелевизија, РТК, Ховениер рече дека Вашингтон е решен да го помогне процесот на конечното решавање на споровите меѓу Приштина и Белград и дека неговото именување на чело на американската дипломатија во Косово е во таа ф ункција.
– Да, можете да го земете моето доаѓање тука како дополнителен индикатор за заинтересираноста на САД да им помогне на нашите партнери во Косово и да им помогне на властите во Србија да постигнат договор за нормализација, изјави Ховениер.
Нормализацијата на односите меѓу Приштина и Белград, според него, подразбира „сеопфатен догвор кој значи и меѓусебно признавање“.
– Јас ќе работам на тоа. Мислам дека можете да видите знаци дека и нашите европски партнери ги прават сите напори во овој дијалог олеснет од ЕУ за постигнувањње на тој напредок, рече Ховениер, кој задачата на чело на американсаката дипломатска мисија во Приштина ја презеде на почетокот на месецов.
Американскиот амбасадор порача дека во односот на САД кон Косово „ништо не се променило“ и дека за Вашингтон, „без оглед на тоа дали на власт се републиканците или демократите“, независноста на Косово е неповратна.
– Суверенитетот на Косово, територијалниот интегритет на Косово, се работи кои не се доведуваат во прашање. Тие се веќе решени. Косово е независна држава, рече Ховениер.
Во однос на дијалогот за нормлизација на односите меѓу Косово и Србија, според Ховениер, за Вашингтон е неспорно дека решението е во меѓусебното признавање на двете држави.
– Косово е суеверена држава. Некои луѓе може да одберат да го негираат тоа и луѓето можат да се расправаат околу тоа колку сакаат, но реалноста и фактите на терен говорат самите. За САД фокусот на дијалогот, и покрај тешкотиите, останува јасен. Предизвик во дијалогот е да се постигне таа нормализација. Да се постигне тој договор за нормализација кој, како што реков, треба да се сконцентрира на меѓусебното принавање, рече Ховениер.
Извор: МИА