Хоти: Не сме се договориле со Белград за посетите на српските политичари на Косово

Од:

Косовскиот премиер Авдулах Хоти ги демантира информациите објавени во дел од медиумите во Косово и Србија дека постои некаков „договор на добра волја“ меѓу двете земји за посетите на српски официјални лица на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

dobivaj vesti na viber

Во објава на неговата страница на Фејсбук, Хоти порача дека Владата го почитува договорот за слободно движење на граѓаните, но дека секое барање за посета на функционери од Србија се анализира од страна на надлежните институции во Приштина пред нивното одобрување или одбивање.

– Информациите за постигнат договор на добра волја меѓу Република Косово и Србија за посетите на високи официјални претставници на Србија, се невистинити. Владата го почитува договорот за слободно движење. Меѓутоа, секое барање за посета се анализира од страна на надлежните институции пред тоа да биде одобрено или одбиено, напиша Хоти.

Косовското Министерство за надворешни работи (МНР) на почетокот на неделава го одби барањето на српскиот претседател Александар Вучиќ за посета на косовскиот север, населен со мнозинско српско население, по што уследи и реакција од посредникот на Европската унија во дијалогот меѓу Приштина и Белград, Мирослав Лајчак.

Словачкиот дипломат во писмото до Хоти, кое вчера го пренесоа медиумите во Приштина, изрази загриженост поради одбивањето на косовското МНР да му издаде дозвола на Вучиќ и неговите соработници да ја посети Северна Митровица во пресрет на неделните вонредни градоначалнички избори во таа општина.

Хоти рече дека ќе одговори на писмото на Лјачак и додаде дека неговата влада ќе ги почитува договорите потпишани во Брисел за слободно движење на граѓаните и меѓусебни посети на официјалните лица, меѓутоа ќе води сметка за контекстот на состојбата во земјата и на односите меѓу двете држави.

Во образложението на косовското МНР за одбивањето на барањето на Вучиќ, меѓу другото, се вели дека таквата одлука е донесена и поради последните „заканувачки изјави кон Косово“ од страна на српскиот претседател, односно неговата порака дека треба да се изнајде решение за споровите меѓу Приштина и Белград, за да се спречи „на Косово да му се случи Нагорно Карабах“.

Во неодамнешното обраќање на јавноста, српскиот претседател рече дека судирот во Нагорно Карабах покажа оти „светот, освен со соопштенија, не е многу заинтересиран да реагира“ на кризните ситуации и дека „на крајот, секогаш морате да сметате на сопствените сили“.

– Затоа Србија ќе мора да се јакне себеси воено и економски, порача Вучиќ.

Официјална Приштина таквите пораки на српскиот претседател ги оцени како „отворена закана со војна“, што воедно претставува и закана за мирот во регионот.

Во врска со изјавата на шефицата на ксовската дипломатија Мелиса Харадинај-Стубла, дека на Вучиќ нема да му се дозволи да влезе во земјата „се додека не побара извинување за геноцидот на Србија врз народот на Косово“, Хоти вчера изјави дека официјалните ставови на Владата може да ги изрази единствено тој како премиер.

– Официјалните ставови на Владата ги изразувам јас, а не некој друг. Секако дека јас ги координирам работите со надлежните министри и тие можат да имаат одредени ставови, меѓутоа на крајот тие се координираат со мене, рече Хоти.

Би можело да ве интересира

Вучиќ: Во отсуство на осуда од ЕУ поради назначувањето на Рашиќ, никој од Србија нема да биде на Самитот во Тирана

Ана Ололовска

Брнабиќ: Срамна реакција на ЕУ, Србија нема да учествува на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Тирана

Ана Ололовска

Ескобар: ЗСО ќе биде формирана, тоа е обврска за Србија, Косово и ЕУ

Ана Ололовска

Вулин избран за директор на БИА

Ана Ололовска

Нова: Нема повеќе руска нафта за Србија

А1он

Сопруг ја убил бремената сопруга пред породилиште во Приштина, истрагата е во тек

А1он