Харадинај и Красниќи денеска на распит пред Судот во Хаг

Од:

Премиерот на Косово во заминување Рамуш Харадинај и поранешниот претседател на косовското Собрание и портпарол на Ослободителната војска на Косово (ОВК), Јакуп Красниќи денеска ќе бидат интервјуирани од Специјалното обвинителство за воени злосторства во Косово, чие седиште е во Хаг.

Како што јави дописникот на МИА од Приштина, Харадинај, кој беше еден од командантите на ОВК во војната во Косово во 1998-99 година, отпатува за Хаг вчера, четири дена откако поднесе оставка на позицијата премиер на Косово, поради поканата за интервју во својство на осомничен.

Ова е вторпат Харадинај да поднесува оставка од функцијата премиер заради соочување со правдата во Хаг. Првпат тоа се случи во 2005 година, кога беше обвинет за воени злосторства од Меѓународниот суд за поранешна Југославија. Тој е два пати ослободен од обвиненијата во врска со војната – првпат 2008 година и вторпат на делумно повтореното судење во 2012 година.

Специјалното обвинителство е една од двете комори на Специјалниот суд кој ги третира претпоставените злосторства врз цивили Албанци и Срби во Косово од страна на припадници на ОВК во периодот од 1998-2000 година.

Пред заминувањето за Хаг, Харадинај изјави дека заминува чесно и со крената глава и дека повторно ќе ја докаже чистотата на борбата на ОВК.

Поранешниот член на раководството на ОВК и нејзин портпарол, Јакуп Красниќи, кој, исто така, вчера отпатува за Хаг, досега нема откриено дали е повикан во својство на обвинет или како сведок.

Красниќи пред заминување изјави дека, без оглед дека е против Судот за воени злосторства, кој, според него, „има за цел да ја изедначи праведната борба на ОВК со српските злосторства во Косово“, сепак ќе одговори на поканата.

– Со верба во правдата, убеден дека вистината е дека во војната во Косово Србија изврши геноцид и дека нејзините монструозни конструкции за ОВК ќе паднат во вода, јас ќе бидам таму за да го дадам мојот придонес за расветлување на историската вистина, порача Красниќи.

Би можело да ве интересира

Македонија ќе поддржи резолуција за геноцид во Сребреница

Орце Костов

Германија испраќа дополнителни војници во Косово

Горан Наумовски

Уапсен Србин на Косово: Обвинет е за воени злосторства

Горан Наумовски

23-годишна Украинка пронајдена мртва на автопатот „Арбен Џафери“ во Косово

Катерина Ѓуровски

Вучиќ за Косово: На сите во лице им кажав што нема да исполниме од Охридскиот договор

Горан Наумовски

Косово одбележува 16 години од независноста

А1он